Двајца германски хемичари, Ото Хан и Фриц Штрасман, ја открија нуклеарната фисија во 1938 година. Фисија е реакција во која јадрото на атомот се дели на два или повеќе помали делови, ослободувајќи огромни количества енергија, пишува Дојче веле.
На физичарите низ целиот свет веднаш им беше јасно дека оваа постапка може да создаде бомба способна да срамни со земја цели градови.
Речиси веднаш по откривањето на фисијата, германските научници почнале да работат на проектот за атомска бомба. Со оглед на воениот интерес и со помош на силната германска индустрија, Ураниумскиот клуб (Uranverein) набрзо вработил некои од врвните светски нуклеарни експерти.
Иако проектот бил таен, за него се дознало преку научниците кои бегале од прогонството во нацистичка Германија. Меѓу нив бил и Алберт Ајнштајн, кој во 1939 година го предупредил американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт за тоа.
Загриженоста поради развојот на нацистичкото тајно оружје се проширила низ светот.
Одговорот на САД бил „Проектот Менхетн“. Предводена од Џ. Роберт Опенхајмер, програмата почнала во летото 1942 година, истражувајќи начини за правење бомба со користење ураниум и плутониум.
Стравот од ривалскиот нацистички проект ја поттикнал американската влада на акција. Со огромна финансиска поддршка, на Опенхајмер и неговиот тим им беа потребни само три години за успешно тестирање на првата нуклеарна бомба. Првото нуклеарно оружје, наречено „жив оган“, три недели подоцна ја погоди Хирошима.
Снимките од разговорите во Фарм хол
„Не ви верувам во ниту еден збор“, рекол тогашниот шеф на германската нуклеарна истражувачка програма, Вернер Хајзенберг, кога ја слушнал веста за Хирошима.
Во тоа време, Хајзенберг и девет други нуклеарни физичари, кои работеле на германскиот проект, биле затворени на англискиот имот наречен Фарм хол. Британците тајно ги снимале научниците, надевајќи се дека ќе ги откријат тајните на нацистичките нуклеарни проекти.
И други германски физичари биле скептични исто како Хајзенберг. Повеќето верувале дека тоа е блеф, за да се принудат Јапонците да се предадат. „Не мислев дека тоа ќе биде можно уште дваесет години“, ќе изјави подоцна Ото Хан.
Колку германската програма била далеку од развојот на атомска бомба покажуваат реакциите на Хајзенберг и Хан.
„САД сосема го преценија развојот на германскиот проект за ураниум. Тие го сфатија тоа дури откако ги прислушуваа научниците во Фарм хол“, изјави за ДВ Такума Мелбер, историчар од Универзитетот во Хајделберг во Германија.
Отпишана нуклеарна програма
До моментот кога беше лансиран „Проектот Менхетн“, германската нуклеарна програма веќе беше мртва. Германските истражувачи знаеле дека нема да можат да ги одвојат изотопите неопходни за создавање атомска бомба за помалку од пет години. Тие никогаш не постигнале успешна верижна реакција и немале метод за збогатување ураниум.
Програмата за нуклеарно оружје била прекината во јули 1942 година, а истражувањето им било поделено на девет различни институти низ Германија.
„Пред 1942 година тоа беше воен проект, но потоа се претвори во чисто цивилен проект“, вели Мелбер за ДВ.
Оттогаш, целта се префрли од нуклеарно оружје кон изградба на нуклеарен реактор, кој би можел да одржи нуклеарна фисија во помал обем. Хајзенберг го преселил истражувањето во пештерска лабораторија под еден замок во Хајгерлох, Германија, каде што тој и неговиот тим изградиле експериментален реактор што се состоел од коцки ураниум што висат од жица и потопени во резервоар со тешка вода.
Овој експеримент отишол најдалеку во германското истражување, но реакторот никогаш не профункционирал – бидејќи во реакторот немало доволно ураниум за да се постигне верижна реакција.
А сепак, германските физичари биле блиску до решение. Научниците сега веруваат дека Хајзенберг би можел да го изгради првиот нуклеарен реактор доколку имал на располагање само 50 отсто повеќе ураниум.
Германската неорганизираност и прогон
Зошто Германија, со временска предност и брилијантни научници што работеле на проектот, не успеала да ја развие нуклеарната програма?
Прво, Германија загуби многу научници. Многу еврејски и полски експерти, како што е еврејската физичарка Лиза Мајтнер, која одигра клучна улога во откривањето на нуклеарната фисија на Хан и Штрасман, го избегнале прогонот. Голем број од нив избегале во Велика Британија и САД, каде што работеле на „Проектот Менхетн“.
Други научници биле регрутирани во германската армија.
Воениот притисок во Германија довел и до недостиг од ресурсите што биле потребни за истражувањето, како доволно количество збогатен ураниум, вели Мелбер. Имало и недостиг од водата за ладење на нуклеарните реактори.
„Во од нацистите окупираната Норвешка се одвиваше производство на тешка вода, но сојузничките и норвешките сили ги нападнаа овие објекти“, вели Мелбер.
На крај, недостигот од политичка поддршка го запрел напредокот на проектот.
„Хитлер имаше потешкотии да го разбере проектот“ и поддршката прекинала во 1942 г, вели Мелбер. Без оваа поддршка, нуклеарната програма немала шанси да се натпреварува со американскиот „Проект Менхетн“, на кој на овој или оној начин работеле вкупно половина милион луѓе – еден процент од американската работна сила. Американците тогаш му дале на проектот вртоглави две милијарди долари (денешни околу 24 милијарди).
За споредба, германските програми вклучувале помалку од илјада научници и имале буџет од осум милиони рајхмарки – еквивалентни на денешни околу 24 милиони долари.
Градете реактори, а не бомби
Снимките од разговорите меѓу германските научници на имотот Фарм Хол даваат уште еден одговор за германскиот неуспех. Самите научници биле морално против атомската бомба и тајно го саботирале проектот.
Еден од научниците, Карл Фридрих фон Вајцекер, рекол: „Верувам дека причината што не ја направивме е тоа што сите ние физичарите не сакавме, од принцип. Ако сите сакавме Германија да ја добие војната, ќе успеевме“.
Самиот Хајзенберг бил против идејата за нуклеарна бомба, велејќи: „Длабоко во себе ми беше навистина драго што работиме на нешто што ќе биде реактор, а не бомба“.
Германските научници на Фарм Хол потоа се надевале дека „историјата ќе забележи… дека Американците и Британците го развија ова застрашувачко воено оружје… и дека Германците произведоа функционален реактор“.
Осумдесет години подоцна, иронијата е што на територијата на денешна Германија се наоѓа американско нуклеарно оружје, за кое се смета дека е витално за безбедноста на Германија, но таа е жесток противник на нуклеарната енергија.