сабота, 27 јули 2024
Политика

Како Мицотакис политички го нокаутира Ципрас

Објавено на

часот

Сподели

Иако ова беше своевидна проба бидејќи на 25 јуни, за кога се планира втор круг, сите партии имаат право повторно да излезат на избори, јасно е дека Неа демократиа победува. Исто така, сите претпоставки за коалициска влада „паѓаат во вода“ затоа што со победа од 41 отсто, што е двојно повеќе во однос на Сириза, која беше поразена со освојување само 21 отсто од гласовите, Киријакос Мицотакис е изборот на нацијата, премиерот кого Грците го посакуваат на чело на државата во следните четири години. Сигурна победа му обезбедува поинаквиот систем на гласање во следниот круг, кога за апсолутна победа, наместо 46, потребни се 37 отсто од освоените гласови, со бонус што ѝ следува на партијата што ќе освои минимум 25 отсто од гласовите.

Дека ова е историска победа на „сините“ што не ја очекуваше ниту самиот Мицотакис говори и фактот што цела Грција, освен една област, гласаше за нив, додека Сириза ги загуби традиционалните политички упоришта како што е Крит, вели дописникот на Политика.

Победата на Мицотакис е слика на резултатите од изминатиот период, кој го обележаа и проблеми: пандемијата, економската и пред сѐ енергетската криза, односите со Турција и железничката катастрофа. Но тие беа максимално надминати со низа економски пакети, помагање на населението со субвенции поради енергетската криза, зголемување на платите и пензиите, бидејќи на крај – граѓаните, сепак, „гласаат со својот џеб“. Не треба да се занемари зајакнувањето на улогата на Грција на меѓународен план, навестувањето за дијалог со Анкара и пред сѐ сериозниот план за следниот период. Иако никој не очекуваше разлика од 20 отсто во однос на Ципрас, бидејќи во четиригодишниот период таа беше најмногу десет отсто, статистиката покажа дека Грците не се разочарани и дека Неа демократиа во однос на 2019 година, кога победи, не загубила, туку го зголемила бројот на гласовите… Дека Грците, без оглед на сите забелешки што ги имаа, огорченоста поради високите цени, смртта на 57 млади кај Темпи, незадоволството од состојбата во здравството и образованието, сепак одлучија да гласаат за стабилност, сигурност и доследност.

Алексис Ципрас доживеа катастрофален пораз и тешко дека може да го намали. Можноста сега да поднесе оставка е мала, бидејќи тогаш Сириза не би имала со кого да оди на избори. Ципрас беше поразен затоа што не понуди сигурна и прецизна програма, бидејќи Сириза, како и во 2015 година, кога победи, не умее да одговори на потребите на граѓаните. Целата реторика се сведе на обвинувања против Неа демократиа, континуирано подгревање на аферата со прислушувањето, обиди за дестабилизација на власта преку гласање доверба… За време на изборната кампања во која повикуваше на промени, Ципрас направи грешки бидејќи не можеше да го спречи јавно изнесување различни позиции на своите раководители, што остави впечаток на отсуство на заеднички став, а единството во партијата е проблем веќе подолго време… Беше против законот да се забрани враќањето на ултрадесничарските, неонацистички партии во парламентот, а според многумина, најголемата грешка ја направил кога ги повика 500-те илјади приврзаници на поранешната фашистичка Златна зора да гласаат за него… Сметаше на сојуз на прогресивни партии, но практиката покажа дека ниедна од нив не сака со него. Затоа, поразот на Сириза е стратегиски пораз.

Процедурата за избор на влада

Грците покажаа дека не сакаат да му се вратат на она низ што минуваше државата, имаа можност да видат како државата ја водат двајцата кандидати, и Ципрас и Мицотакис и да – одберат.

Киријакос Мицотакис одлучи да ѝ го врати таканаречениот пробен мандат за состав на влада на претседателката на Грција Катерина Сакеларопули и со тоа да го забрза процесот за свикување на вториот круг од парламентарните избори, најверојатно на 25 јуни. Според законот, претседателката на секоја партија ѝ дава рок од три дена да се обиде да формира влада. Доколку нема успех во тоа, ги повикува сите партиски лидери уште еднаш заедно да се обидат да се договорат. Ако нема консензус, именува премиер, најверојатно претседателот на Врховниот суд, се формира техничка влада и се распишуваат избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ