четврток, 6 февруари 2025

„Каде што срцето е дома“, нов владин проект за локалната самоуправа

Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети, кои оваа година се реализираат под името „Каде што срцето е дома“. Целта е преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој денеска го претстави овој проект.

Објавено на

часот

Сподели

На денешната средба со новинарите присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, кој истакна дека посетите на општините ќе бидат корисни од повеќе аспекти. Ќе се слушнат и предлози и идеи за процесот за измени на Законот за локална самоуправа, а од увидот на градежните активности на проектите финансирани од централниот буџет, локалните власти ќе можат да ги пренесат искуствата и потребите во пресрет на очекуваниот втор јавен повик, рече премиерот.

Министерот Перински рече дека со непосреден контакт и градење на партнерство помеѓу власта и граѓаните ќе се најдат механизми и соодветни решенија за да се надминат сите препреки со кои се соочуваат локалните саоуправи.

„Императив ни е градењето на партнерски однос со граѓаните. За нас, нивниот интерес е пред сѐ и над сѐ“, рече Перински.

„Каде што срцето е дома“ во наредниот период ќе ги посети сите скопски општини, а ќе се реализираат средби со градоначалниците, членовите на општинските совети, со невладини организации, бизнис секторот, културни, спортски работници, воопшто со сите заинтересирани граѓани, а ќе се врши увид и на проектите финансирани од централниот буџет.

Планирани се и еднодневни посети на Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и Прилеп, на кои ќе се вклучат и претставници од општините од регионот.

Премиерот Мицкоски изрази задоволство од посветеноста на Министерството за локална самоуправа за развој на општините, што заедно со владините мерки е показател дека власта создава услови за поквалитетен живот на сите граѓани.

„Проектите се дел од владината програма за инвестиции во општините. Добро е овој процес да поминува транспарентно и добро е граѓаните одблиску да го дознаваат она што ќе го работиме како Влада преку соодветните министерства, а целиот процес го координира Министерството за локална самоуправа“, истакна Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ