На посетата присуствуваа министерот Златко Перински, заменик министерот Ерџан Селими, в.д. градоначалникот Дејан Митески, претседателот на општинскиот Совет, Љупчо Ацковски и членови на Советот.
Министерот Перински истакна дека како жител на Аеродром добро ги познава состојбите во Општината, а и свесен е за предизвиците и потребите на Општината и граѓаните.
„Како најнаселена скопска општина, Аеродром има свои предности, но и недостатоци. Најголем предизвик е да се постигне баланс помеѓу растот и одржливиот развој, со цел да биде осигурано квалитетно секојдневие на граѓаните од сите аспекти. Сакам јавно да му оддадам признание на в.д. градоначалникот Митески кој во досегашното раководење со Општината успешно се справува со сите околности и да го охрабрам да продолжи посветено и со визија да работи во интерес на сите аеродромци кои верувам се горди што живеат во општина која реално исполнува високи стандарди. Заеднички можеме и верувам ќе постигнеме уште повеќе“, изјави министерот Перински.
Во рамките на посетата се одржа отворена дискусија за планираните реформи на Законот за локална самоуправа, како и за актуелните проблеми со паркирање, загадување, урбанизација и безбедност во сообраќајот. Беа разгледани и иницијативи за промоција на алтернативни видови транспорт, поставување на паметни семафори, дигитализација на административни услуги и зголемување на зелените површини, со кои би се надминале дел од предизвиците за поквалитетно секојдневие на аеродромци.
Митески и Ацковски, ја поздравија иницијативата за теренските посети на општините, планираната измена на Законот за локална самоуправа и потенцираа дека Општината и Советот, ќе продолжат да работат посветено во интерес на граѓаните.
„Чест и задоволство ми е што нашата општина е прва во низата општини кои ќе се посетуваат како дел од проектот ‘Каде што срцето е дома’. Владата и Министерството имаат голем слух за нас градоначалниците и нивната отвореност и подадената рака се од големо значење за Општината, односно за граѓаните и верувам дека соработката и поддршката ќе продолжи и во иднина, а и ние ќе продолжиме посветено да работиме во интерес на граѓаните кои ни ја дале довербата“, изјави в.д. градоначалникот Митески.
Утре, во рамки на „Каде што срцето е дома“ во Општина Аеродром, министерот Перински ќе одржи средба со претставници на бизнис секторот и невладини организации, културни и спортски работници, а добредојдени се и сите граѓани кои имаат прашања, предлози и сугестии во насока на поголем напредок на Општината. Средбата ќе се одржи во 12 часот во ООУ „Љубен Лапе“.