среда, 25 декември 2024

„Јутјуб е де факто блокиран во Русија“

Јутјуб сообраќајот во Русија во последните денови паднал на само 20 отсто од своето „нормално ниво“, кажа водечки руски експерт опишувајќи ја ситуацијата како „де факто“ блокирање на платформата за споделување видеа во таа земја.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Михаил Климарев, директор на невладината организација Друштво за заштита на интернетот, напиша на Телеграм на 23 декември дека Јутјуб сообраќајот во Русија паднал на една петтина од нивото во однос на периодот пред властите намерно да ја успоруваат услугата во јули.

„Јутјуб е де факто блокиран во Русија“, оцени тој.

Јутјуб, кој е во сопственост на Гугл, има десетици милиони корисници во Русија.

Руските корисници на платформата од јули сведочат на масовни прекини и успорување на услугата.

Руските власти соопштија дека проблемите се предизвикани од неуспехот на Гугл да ја надгради опремата која се користи за обезбедување на пристапот до услугите на Гугл во Русија.

Одделни критичари, меѓутоа, ја обвинуваат власта во Москва дека намерно ја попречува услугата за да ги спречи руските државјани таму да ги гледаат содржините кои се критични кон политиката на Кремљ.

Во јули рускиот весник Газета цитираше два извори блиски до претседателот кои кажале дека Москва планира да почне да го блокира Јутјуб во септември.

Прозападниот сајт Медуза со седиште во ЕУ во тоа време цитираше извор од руската телекомуникациска сфера кој тврдеше дека владата почнала да ја успорува брзината на Јутјуб на 11 јули.

Јутјуб во август соопшти дека имаат информации дека некои луѓе во Русија не се во можност да пристапат до платформата, но тврдат дека проблемот не е предизвикан од каква било акција или технички проблеми од страна на Јутјуб.

За време на својата годишна конференција на 19 декември претседателот на Русија Владимир Путин побара Гугл и Јутјуб да ги почитуваат руските закони и да не го користат интернетот како орудие за „постигнување на политичките цели на американската влада“.

Русија блокираше одделни социјални мрежи како Фејсбук и Икс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ