Овој хрватски медиум пишува дека и покрај името, ова не е онаа големата Светска изложба, „Exposition universelle“, која на Париз му ја подари Ајфеловата кула, на Сан Франциско Палатата на ликовните уметности, на Брисел Атомиумот, а на Рим, иако неодржана, волшебниот ЕУР. „Вистинската“ светска изложба се организира на секои пет години, а оваа година во јапонска Осака ќе привлече 28 милиони посетители.
На Белград му припадна „мал Експо“, специјализирана тематска изложба што паѓа меѓу двете светски. Колку и да се обидува Вучиќ во своите помпезно-патетични настапи да го прикаже белградскиот Експо како најголемиот настан на планетата во 2027 година, реалноста не ги потврдува овие мегаломански тврдења. Големината и важноста на специјализираните изложби на малиот Експо можеби најдобро ги илустрира фактот дека три пати се одржа во бугарски Пловдив: во 1981, 1985 и 1991 година. За разлика од вистинската светска изложба, која трае половина година, нема просторно ограничување, а земјите учеснички можат само да ги градат своите павилјони, специјализираната е временски ограничена на три месеци, на површина од 25 хектари, а сите изложбени простории ги обезбедува домаќинот. За споредба, овогодинешниот вистински Експо во Осака ќе се простира на 155 хектари, а следниот, во Ријад, Саудиска Арабија во 2030 година, ќе се простира на дури 600 хектари!
Специјализираните изложби секогаш се тематски. „Јутарњи лист“ пишува дека Србите планирале белградската да му ја посветат на она што тие веруваат дека го прават најдобро во светот: спортот и музиката.
Белградската чаршија со потсмев го нарекува „Експо од Али експрес“, бидејќи „не е оној вистинскиот“. Вистински или не, ќе заработи многу пари: официјалните трошоци за одржување на изложбата, според наводите на нејзиниот секретаријат, се 1,29 милијарди евра.
За таа сума би можеле да се изградат три Пељешки моста или стотина километри автопат, кои во Србија забрзано се градат и таму каде што според класичните параметри нема сообраќајна или економска оправданост. Но режимот така се обидува да создаде стратегиски партнерства давајќи им работа на компаниите и земјите од кои очекува политичка поддршка. Инфраструктурата во Србија ја градат Кинезите, Азербејџанците и американската „Бехтел“, истата компанија што го градеше автопатот А1 во Хрватска во времето на поранешниот премиер Иво Санадер, кој беше осуден за корупција.
Планираните милијарда и триста милиони инвестиции во белградскиот Експо ги опфаќаат само директните трошоци. Кога на ова ќе ги додадеме оние што формално не се сметаат во изложбата, но се поврзани со неа, од асфалтирање на постоечки градски улици и изградба на нови патишта, водовод и канализација, преку шминкање фасади, стимулации за нови хотели и купување нови возови, автобуси, тролејбуси, трамваи и бродови на Сава, до телекомуникациска инфраструктура и што ли уште не, се доаѓа до дури 17 милијарди евра директни и индиректни инвестиции! За споредба, планираните трошоци за шестмесечната светска изложба „Експо 2030“ во Ријад се осум милијарди.
Во Вучиќевата буразерска Србија, вели Јутарњи лист, е вообичаено и речиси нормално цените нетранспарентно и безмилосно да се надградуваат и да се зголемуваат со „зголемени трошоци“ и „непланирани и дополнителни работи“. Реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, онаа во чие уривање загинаа 15 луѓе, првично била договорена за 3,5 милиони евра, но надлежниот, и сега веќе поранешен и обвинет министер Горан Весиќ изјави дека на крајот биле исплатени целите 15,8 милиони! Нешто повеќе од 112 километри од трансверзалата што поврзува два веќе изградени автопати во правец север-југ се договорени (со „Бехтел“) за 900 милиони, но досега Србија веќе исплатила над 1,6 милијарди евра, а работите сѐ уште не се завршени.
Огромен дел од тие пари одат кај локални подизведувачи, често непознати компании без историја или референци, во сопственост на сомнителни личности поврзани со владејачките структури.
Градежниците и економистите велат дека во Србија е вообичаено и „нормално“ пумпањето на цените. Договорените и со тендер предвидени износи на крај се удвојуваат, а знаат да нараснат и до неверојатни 400 проценти од првобитната вредност. Така, 17-те милијарди евра што моментално се наведени како вкупна цена на изложбата може да пораснат на 35, па дури и на 50 милијарди. Сите тие народни пари секако би завршиле во рацете на бизнисмени што ги собрал, ги контролира и ги држи на дланка Александар Вучиќ.
Додека безидејната опозиција, од почетокот на владеењето на напредњачката власт од 2012 година, кукаше над сопствената клета судбина и ветуваше подобрување кога ќе дојде на власт – без да објасни како – севладетелот на Србија создаваше и поврзуваше мрежа на соработници, компании, организации и структури. Заедничка цел: да се остане на власт што е можно подолго со што е можно помалку контроли, со цел да се обезбеди највисок можен профит за привилегираните учесници, вели Јутарњи лист.
Весникот наведува дека парадигма на вучиќевштината е „Белград на вода“: уривање на постоечката железничка, индустриска и станбена инфраструктура помеѓу Стари мост и мостот Газела, каде што маскирани банди ги иселуваа жителите додека полицијата одбиваше да интервенира, и подоцнежната френетична изградба што наводно е финансирана од нетранспарентни арапски инвеститори. Но изложбата во 2027 година се заканува да го засени овој најскап „буразерски“ проект досега.
За да ја спроведе „зделката на векот“, Вучиќ го искористи апсолутното мнозинство во парламентот и донесе закони со кои Експо го прогласи за проект од национален интерес. Уште на крајот на 2023 година беше донесен Законот за посебни постапки за спроведување меѓународна специјализирана изложба, lex specialis со кој се легализираа јавните набавки без тендери, со директно преговарање. Многу процедури се поедноставени или избегнати. Врвот на препотентноста, која не ја поколебаа ни тримесечните протести, е донесувањето прописи што дозволуваат користење објекти без употребна дозвола и технички преглед. И тоа по уривањето на новосадската настрешница, до кое дојде токму поради непочитување на прописите и процедурите!, пишува Јутарњи лист.
Понатаму, принудното одземање имоти ќе се спроведува „по забрзана постапка“, без можност за одложување на извршувањето доколку „постои државен интерес и потреба од итност“. А во проектот што го осмисли самиот голем властодржец, а го спроведува финансискиот маг, министер за финансии и веројатно единствениот човек од апсолутна доверба на Вучиќ, Синиша Мали, сѐ е итно и сѐ е во државен интерес.

Под маската „инвестирање во Експо“, државата Србија ќе плати огромни суми пари без соодветна процедура, нетранспарентно и јарански. За тие 17 или 35 или 50 милијарди да се распределат меѓу тесниот круг на послушни бизнисмени на Вучиќ, потребни се два услова: претседателот да ја задржи (апсолутната) власт до 2027 година и немирите и нередите во Србија да не доведат до откажување на изложбата. Сфаќајќи дека настаните на улиците може да го доведат ова во прашање, претседателот и неговите бизнисмени стануваат видно нервозни, пишува хрватскиот весник.
Слабоста, и на самиот Вучиќ и на целиот систем, наеднаш е очигледна: со години сè почиваше на силата, било само со закана или и нејзина реализација. Хулиганите од секаков вид и на сите нивоа знаеја дека се недопирливи и неказнети и преку терор можеа и смееја да остварат што и да посака режимот. Сега тоа веќе очигледно не е можно, јавноста и заканата со идна правда веќе втераа страв во коските на насилниците, тепачите и угнетувачите. Во почетокот на протестите, природната реакција на секој елемент на режимскиот систем беше силата; три месеци подоцна се воздржува не само тој што дава наредби, туку и извршителите, кои веќе не се спремни послушно да употребуваат сила бидејќи не знаат дали системот сè уште може да ги заштити.
Колапсот на режимот на Александар Вучиќ во овој момент сепак (сè уште) не е веројатен, и покрај надежите на разбудените граѓани и силната синергија што ја генерира демонстрантското заедништво. Студентите не понудија никаков алтернативен систем за следниот ден, ниту еден човек што би можел да ја води идната транзициска Србија без Вучиќ, па дури ни нивните најжестоки поддржувачи не би биле многу среќни ако земјата одеднаш почне да ја водат мистериозни „пленуми“, собири на дваесетгодишници што по факултетите дискутираат и одлучуваат за сè.

Јавноста, разбудена и охрабрена од студентите, донесе и нов начин на размислување. Неоптоварени од партизираноста и тесните интереси на политичката опозиција, демонстрантите брзо и лесно ги препознаа слабите точки на режимот. Тие го сметаат Експо за една од најважните, поради неговата клучна важност за финансирањето и поддршката на Вучиќ и групата што го одржува на власт. Прво срамежливо, а подоцна сè посилно и фокусирано, се јавуваат повици да се откаже изложбата, вели Јутарњи лист.
Стравувајќи дека потребата на властите да го одржат Експо по секоја цена може да доведе до задушување на протестите и игнорирање на нивните барања, разбудените граѓани почнаа да повикуваат на откажување на „генераторите на корупција и беззаконие“. На социјалните мрежи се шират петиции за откажување.
Самата помисла да не се одржи Експо 2027 може да создаде паника во редовите на Вучиќевиот октопод и можеби да ги наведе неговите инсајдери да го напуштат или дури и да го срушат однатре.
Посакувајќи го таквиот исход, противниците на Вучиќ продолжуваат со протестите, на кои актуелниот режим очигледно нема одговор. Неговото уривање од улица може да потрае, освен ако не го забрза некој надворешен фактор. А најсериозната таква закана ќе се случи наскоро, за нешто повеќе од две недели, вели Јутарњи лист.