понеделник, 30 декември 2024

Jугоисточниот плански регион се подготвува за поставување полначи за електрични возила

Во Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше предадена изработената техничка документација за поставување на полначи за електрични возила во десетте општини во овој регион. Со документацијата се планира да бидат поставени 20 такви полначи во Струмица, Радовиш, Василево, Конче, Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци, Босилово и Ново Село, односно бројот на полначите ќе биде според големината на општината.

Објавено на

часот

Сподели

Според директорот на Центарот, Ѓоко Камчев, ова е значаен чекор кон обезбедувањето на одржливи транспортни решенија во општините од Југоисточниот плански регион, а изработената документација е во рамки на проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“.

„Изработената техничка документација е за прв ваков сеопфатен проект во регионот и државата. Истата ќе послужи како основа за обезбедување на инвестиции за одржливи транспортни решенија на територијата на општините на Југоисточниот плански регион. Нашата следна цел е со координирани напори со општините и надлежните државни институции да ги обезбедиме неопходните средства за постепена изградба на е-полначите на предвидените места“, вели Камчев.

За секоја од локација се избрани брзи електрични полначи со еднонасчна струја со моќност од 150 KW и можност за нивно проширување до 220 KW со брзо полнење на електрични возила до 25 минути за едно, односно за 50 минути за истовремено полнење на две возила.

Полначите се изработени од висококвалитетен нерѓосувачки материјал и високо ниво на IP и IK заштита од прашина, влага и механички удари, како и способност за работа при високи амбиентални температури до +75 степени што одговара на избраните подрачја на Jугоисточниот плански регион.

Овој проект е еден од многутте што општините и центрите за развој на планските региони се во можност да ги обезбедат во рамките на Фондот за техничка документација, кој, како инструмент за финансиска и техничка поддршка во управувањето со инфраструктурните проекти е воспоставен како дел од проектот на УНДП „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ кој се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа преку финансирањето обезбедено од Амбасадата на Шведска и Бирото за регионален развој.

Инаку, проектната документација ја изработија Конзорциумот „Геинг“ и „Брикс груп“ од Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ