петок, 31 јануари 2025
Детали од пресудата за Јованов неколку месеци пред сообраќајката со жртва

Јованов бил фатен со кокаин, судот го пуштил од притвор за да се врати на прав пат, но 7 месеци потоа пијан ја уби Фросина

Основниот кривичен суд Скопје, ја објави пресудата за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, против обвинетиот Васил Јованов од Скопје, кој, исто така, е осомничен за сообраќајната несреќа во која завчера животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова. Тој, како што стои во пресудата бил фатен во стан со марихуана и кокаин.

Објавено на

часот

Сподели

Како што стои во пресудата, по одржаната главна расправа, која започнала на 24 јули 2024 година и завршила на 31 јули 2024 година, судот во состав на судијата Даниела Алексовска-Стојановска и судиите поротници Весна Цветкоска и Милисав Таневски, го прогласиле обвинетиот за виновен и му изрекле воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом.

„При одмерување на видот и висината на санкцијата, ЈО истакна дека судот би требало да ја цени личноста на обвинетиот која за жал во овој предмет е контрадикторна во смисла на неговата возраст, општествен статус и држење пред судот. ОЈО има сознанија дека тој неколкку пати пред настанот е прегледуван и му е одземана наркотична дрога која се третирала за употреба, но и во еден наврат и тоа од ПМВ кое го управувал му била одземена и вага. Застапникот на обвинението истакна дека со неприфаќање на признание за вина обвинетиот всушност ја пропушти можноста доброволно да ги прифати последиците од своето однесување и со тоа да не убеди нас како претставници на системот, особено судот, дека го сфатил значењето на своите постапки и дека е подготвен да преземе одговорност. Напротив, во текот на целата главна расправа тој покажа манипулативно однесување и негирање на материјалните докази, а манипулативно однесување и кон вербалните докази. Од друга страна неспорно е дека обвинетиот е многу млад и до сега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу заради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека преземал противправни дејствија, но најмногу санкција со која ќе му се влијае на обвинетиот да во иднина го поправи своето однесување и да се врати на прав пат.
Јованов претходно бил пријавувани за друга сообраќајна незгода од 4 ноември 2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди“, пишува во пресудата.

Судот ги ценел сите околности во корелација со личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, кој е многу млада личност, на возраст од неполни 20 години, а делата за кои се товари ги сторил во период кога имал 19 години, односно на прагот на полнолетсвото, кое нешто укажува на тоа дека во време на сторување на делата немал некое животно искуство како полнолетен.

„На оваа околност судот особено обрна внимание, со оглед на младоста на обвинетиот, кој немал доволно животно искуство како полнолетен, со оглед да со настапувањето на полнолетството секој млад човек се судира со проблемите и предизвиците за кои често се несвесни и истите не ги прифаќаат доволно сериозно. На оваа возраст помладите полнолетни лица често можат да западнат во сериозни проблеми, не размислувајќи за последиците, како и тоа дека постапките како полнолетни поинаку се третирани одошто истите би биле третирани во нивниот малолетничкиот период. Судот како олеснителна околност ја ценеше и семејната и материјалната положба на обвинетиот, кој е со завршено средно образование, моментално студент, невработен, неимотен, околноста дека обвинетиот не евидира во казнената евиденција, што значи првпат доаѓа во судир со законот, а против истиот ниту како дете не биле изрекувани воспитни мерки или казна затвор за деца, ниту пак се водат постапки за други кривични дела“, се дополнува во одлуката на судот. 

Во Скопје денеска стотици граѓани се собраа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје на протест, барајќи правда за трагичната смрт на младата Фросина, која беше прегазена додека поминувала пешачки премин во близина на пекарата „Силбо“. Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Кривичниот суд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ