петок, 18 октомври 2024
По приведувањето на внукот на Али Ахмети

ЈО: Вештачењето на пиротехниката на Дрин Ахмети ќе даде насоки за постапување

Откако синоќа полицијата го приведе Дрин Ахмети, внук од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска ниту од МВР, ниту од Јавното обвинителство не изнесуваат детали. Од обвинителството кусо велат дека пронајденото ќе биде вештачено и дека од тоа ќе зависи текот на постапката.

Објавено на

часот

Сподели

„За настанот е известен јавен обвинител. Во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.

Синоќа полициски тигри го привеле Дрин Ахмети во чиј џип марка ренџ ровер, во багажниот простор, биле пронајдени 749 парчиња пиротехника од различен вид.

„Запленети се 749 пиротехнички средства во Скопје, приведено е едно лице.
Bо 19.50 часот на улицата Самуилова во Скопје полициски службеници запреле патничко моторно возило марка ренџ ровер со албански регистерски таблички, управувано од Д.А. (25) од селото Зајас, кичевско, и при преглед на возилото се пронајдени 749 пиротехнички средства. Лицето е приведено во полициска станица и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, ни соопштија синоќа од МВР.

Како што можеше да се дознае, младиот бизнисмен, кој во партнерство со бизнисмен од странство, го презеде деловниот објект Соравиа во центарот на Скопје, ноќта бил задржан во полициската станица позната под името Беко. Според некои медиуми, Ахмети на полицијата ѝ кажал дека пиротехниката е произведена во негова фабрика. Каде го пренесувал „товарот“ и дали бил наменет за продажба или набавен (произведен можеби во фабрика – а каде?) за приватна огнена прослава, можеби во Зајас, се прашања за јавноста, засега, без одговор. Или се тоа одговори кои можеби надлежните органи веќе ги знаат?

Дрин Ахмети на 25 годишна возраст одеднаш стана голем бизнисмен кој покрај Соравиа, преку компанијата Тор индустри и преку неговата компанија Еверест ЏД експлоатора варовник на доделена концесија во Зајас.

За него лидерот на  ДУИ има изјавено дека не се меша ниту се разбира од бизнис, но дека Дрин Ахмети е способно момче со диплома од познат универзитет во странство и дека создал добри деловни врски. Бил баран во странство да остане и да работи, но решил да работи во Македонија, изјави во едно  интервју за ТВ21 Али Ахмети. Тој притоа и додаде дека се работи за чесно момче од чесна фамилија но и рече дека бездруго, ги повикува надлежните органи да извршат проверки, како што нагласи, „како што секогаш ги повикува надлежните органи да се произнесат за секој функционер на ДУИ“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ