Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините, соопшти Јавното обвинителство.
Инаку, синоќа во Чаир е убиен Хебиб Буњаку (35), син на Екрем Буњаку кој е е поранешен функционер на ДУИ, а сега вработен во Општина Чаир. Екрем во 2013 година беше и директор на Државната техничка инспекција.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата околу 23:50 часот добила пријава дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, при што било употребено огнено оружје.
„На 11 февруари во 6 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б. (35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје.
По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 1,40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д. (22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р. (41) и К.Т. (28), двајцата од Скопје.
Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, соопшти МВР.