„Конкретен одговор на нашите барања не добивме. Очекуваме тоа да биде идната недела и кога ќе добиеме понуда, таа ќе ја пренесеме на нашето членство кое ќе одлучи понатаму дали ќе ја прифати или не и дали ќе продолжиме со штрајкот“, изјави претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски по средбата во Владата.
Покрај барањата, како што посочи Деаноски, разговарале и за висината на моменталните плати.
„Се договоривме наредната недела да се достават уште неколку податоци, особено за судовите. Тоа ќе го направи Министерството за финансии. Ќе се сретнеме во вторник или во среда уште еднаш за да видиме дали од спротивната страна ќе добиеме конкретна понуда за нашите барања“, нагласи Деаноски и додаде дека побарале разговорите да завршат за десетина дена.
Штрајкот, како што изјави, ќе трае додека да добијат одговор од Владата. Дотогаш, ќе се работат само итните предмети.