На ваквите предмети приоритет ќе се дава и во преземањето на дејствата од страна на истражните центри на јавните обвинителства, а сите обвинители кои имаат во работа такви предмети се задолжени итно да извршат нивно ажурирање во смисла на проверка на преземените дејства и на веќе издадените наредби и барања и на пристигнатите одговори од надлежни органи и институции. Доколку по издадени наредби и барања не е пристигнат одговор или соодветни податоци од надлежни институции и органи во законски определениот рок, веднаш ќе бидат испратени ургенции за итно постапување, се вели во соопштението на ЈО.
Јавниот обвинител на Македонија со исклучителна сериозност ги зема апелите од извршната власт и од јавноста воопшто за зголемување на активноста на сите истражни органи, а особено на Јавното обвинителство во борбата против корупцијата, се вели во соопштението.
„Основните јавни обвинители на основните јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во основните јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата по број на предмети, подносители, преземени дејства и активни издадени наредби, ќе ги анализираат предизвиците при постапувањето во таквите предмети и ќе изнесат предлози за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
Вишите јавни обвинители на вишите јавни обвинителства се задолжуваат во рок од 10 работни дена по донесувањето на упатството да одржат стручен колегиум со сите јавни обвинители во вишите јавни обвинителства на кој ќе го разгледаат обемот на работа на конкретното обвинителство во однос на предмети од областа на корупцијата, предизвиците при постапувањето во таквите предмети во втор степен и предлозите за нивно надминување со цел поефикасен кривичен прогон.
За сите овие активности ќе бидат доставени извештаи до јавниот обвинител на Република Северна Македонија, а доколку биде констатирано неоправдано одолговлекување на постапките ќе биде извршен вонреден надзор над постапувањето на соодветните јавни обвинители“, соопшти Јавното обвинителство.