петок, 7 февруари 2025

Јануарските температури ги збунија климатолозите

Минатиот месец беше најтоплиот јануари досега, што ја зголеми загриженоста за темпото на климатските промени, предупредуваат научниците.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се очекуваше јануари 2025 година да биде малку постуден од истиот месец во 2024 година поради слабеењето на природниот временски феномен Ел Нињо во Тихи Океан. Но наместо тоа, минатиот месец го надмина рекордот поставен во јануари 2024 година за речиси 0,1°Ц, според податоците на европската климатска служба Коперникус, пренесува Би-би-си.

Главната причина за глобалното загревање се емисиите на стакленички гасови предизвикани од човековата активност, најмногу од согорувањето на фосилните горива. Но научниците признаваат дека сè уште не можат целосно да објаснат зошто овој јануари беше толку топол.

Од средината на 2023 година, бележиме серија изненадувачки високи температурни рекорди, со вредности околу 0,2°Ц над очекуваните.

„Основната причина поради која соборуваме рекорди и зошто го имаме овој повеќедецениски тренд на загревање е затоа што го зголемуваме количеството на стакленичките гасови во атмосферата“, изјави за Би-би-си њуз Гевин Шмит, директор на Институтот за вселенски студии на НАСА.

„Но конкретното објаснување зошто 2023, 2024 и почетокот на 2025 година беа толку топли вклучува и други фактори. Се обидуваме точно да утврдиме кои се тие елементи“, додаде тој.

Јануари 2025 година беше за 1,75 °Ц потопол од просечните јануарски температури од крајот на 19 век, пред човечката активност да почне значително да влијае на климата.

Во почетокот на минатата година глобалните температури беа дополнително зголемени од временските шеми поврзани со Ел Нињо, кога невообичаено топлите површински води се проширија низ источниот тропски Пацифик, ослободувајќи дополнителна топлина во атмосферата.

Оваа година, според податоците на американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА), се развиваат условите на Ла Ниња, кои би требало да имаат спротивен ефект – ладење.

Иако Ла Ниња моментално е слаба и обично се потребни неколку месеци за целосно да повлијае на температурите, се очекуваше дека јануари ќе биде постуден.

„Да ме прашавте пред неколку месеци каков ќе биде јануари 2025 година во споредба со јануари 2024 година, ќе кажев дека ќе биде постудено“, призна Адам Скајф, шеф на одделот за прогнозирање во Британската метеоролошка служба.

„Сега знаеме дека не е, и навистина не знаеме зошто“, додава тој.

Постојат неколку теории зошто последните две години беа потопли од очекуваното.

Една од нив вели дека океаните сè уште реагираат на Ел Нињо 2023-2024 година. Иако феноменот не беше особено силен, му претходеше невообичаено долг период на Ла Ниња од 2020 до 2023 година, па можно е Ел Нињо да ја „испуштил“ топлината што се насобрала во океаните. Но научниците не се сигурни како овој ефект би можел да биде толку силен речиси една година по завршувањето на Ел Нињо.

„Според историските податоци, овој ефект веќе треба да се намалува, па ако продолжат овие рекорди, оваа теорија станува сè поневеројатна“, вели професорот Скајф.

Друга можност е дека однесувањето на океаните се менува, имајќи предвид дека температурите на морето во многу делови од светот остануваат невообичаено високи.

Третата теорија е поврзана со намалувањето на ситните честички во атмосферата, познати како аеросоли. Овие честички досега делумно го „маскираа“ глобалното загревање бидејќи рефлектираа дел од сончевата енергија назад во вселената. Сепак, благодарение на намалените емисии од транспортот и кинеската индустрија, бројот на аеросоли е намален, што значи дека нивниот ефект на ладење сега е послаб.

Научникот Џејмс Хансен, кој прв го предупреди американскиот Сенат за климатските промени во 1988 година, тврди дека ефектот на аеросолите досега е потценет и дека се соочуваме со уште поголемо загревање од предвиденото.

Повеќето научници не се убедени во оваа теорија, но доколку се покаже точна, климатските промени би можеле да бидат уште посериозни отколку што мислиме.

Најцрното сценарио, предупредува професорот Скајф, би бил еден дополнителен ефект поврзан со облаците – загревањето на океаните може да доведе до распаѓање на ниските рефлективни облаци, што дополнително ќе ја загрее планетата. Оваа теорија сè уште не е докажана, но следните месеци треба да дадат појасна слика за тоа дали последните неколку години се само привремен скок или знак за забрзување на глобалното загревање.

Повеќето научници сè уште веруваат дека 2025 година ќе заврши малку постудена од 2023 и 2024 година, но со оглед на неодамнешните изненадувања, никој не е сигурен. Сепак, едно е јасно: рекордите ќе продолжат да се уриваат сѐ додека човештвото продолжува да ја загрева планетата.

„Со време 2025 година веројатно ќе биде една од постудените години што ќе ги доживееме“, рече д-р Саманта Бурџис од Коперникус. „Ако не ја затвориме чешмата за емисиите на стакленички гасови, глобалните температури ќе продолжат да растат“, заклучува таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ