Вџашени, европските лидери се заглавени во првата фаза на тагата – одбивањето да се прифати реалноста. Ќе плутаат така сè додека се во неа и сѐ додека не сфатат дека Доналд Трамп има рационален економско-геостратегиски план (иако е штетен за интересите на Европа).
Почнувајќи од неговото економско оружје, Европејците треба да сфатат дека не дека Трамп наивно верува дека неговите царини, магично, ќе го елиминираат трговскиот дефицит на САД. Тој знае дека на краток рок доларот ќе расте. Неговите царини се преговарачка алатка за да ги натера странците да ги ревалвираат своите валути, да ги заменат своите инвестиции од краткорочен на долгорочен американски долг и да ги одвлечат европските хемиски и машински инженерски конгломерати (на пр. БАСФ и Фолксваген) од застоената Европа кон енергичните Соединети Држави.
Што се однесува на Украина, тимот на Трамп јасно стави на знаење две работи. Прво, тие ја гледаат Русија како сила во опаѓање, која никогаш не може да биде закана за земјите на НАТО, но која со транзицијата кон воена економија привремено се вратила во живот, поттикната од планираното проширување на НАТО сѐ до руската граница (преку рускоговорните области во Грузија и источна Украина). Второ, ја оцрнуваат Европа дека ентузијастички помогнала Русија да се турне во прегратката на Кина.
Во овој контекст, полесно е да се разбере зошто администрацијата на Трамп ја отсече Европа. И зошто го додава идеолошкиот призвук на прозивање на Европа на одговорност зашто ги предала сопствените вредности, на пример правото на слобода на говор и откажувањето на изборите во Романија, на, додуша, стаклени нозе.
И сега? Една од опциите што ги има Европа е да продолжи сама, обидувајќи се да се вооружи и да го финансира обидот на Украина да го потисне Путин. Тоа ќе ја банкротира веќе несолвентната Европа, нема да ѝ помогне на Украина и неизбежно ќе ја принуди така понижената Европа да се врати под американска контрола.
Втората опција е да се наттрампне Трамп: да се поткопа Вашингтон со отфрлање на каков било договор што украинските ресурси им ги подарува на САД, во меѓувреме сигнализирајќи ја кон Москва европската отвореност за една нова безбедносна архитектура, која вклучува една суверена Украина во улога слична на онаа на Австрија за време на студената војна. Тоа би било еднакво на претворање на мрачната криза во шанса Европа да се ослободи и да заживее. За жал, не можам да видам дека нашиот сегашен тип лидери ја зграпчуваат таа шанса.