среда, 23 октомври 2024

Јаневски: Не може во 21 век да се продава вино исто како што се продавало во 80-тите години

Во винската индустрија денес не може да се импровизира. Македонија има плодна земја, сонце и грозје каде никаде не се раѓа, но за квалитетен производ се потребни многу знаење и работа. Не може во 21. век да се продава тоа што се продавало во 80-тите години. Мора да имплементираат стандарди и да се креираат брендови со кој ќе се оди на светскиот пазар, порачаа учесниците на денешната регионална конференција за вино што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Објавено на

часот

Сподели

Според нив, Македонија сѐ уште нема пристап и волја за промена во винскиот сектор, ниту постои визија каде оди или што треба да смени, владее популизам и сѐ се сведува, како што беше нагласено, на желбата да се добијат поени на политичката сцена.

„Најголем дел од работата треба да ја завршиме сами. Науката мора да ја каже вистината во однос на стандардите со кои можеме да одиме на светскиот пазар. Импровизациите се минато, не можеме денес да импровизираме и во 21 век да продаваме она што сме го продавале во 80-тите години. Да, имаме квалитетна земја, сонце и вакво грозје не се раѓа никаде, но треба многу работа. Мора да се работи, а потребно е и многу знаење. Денес винската индустрија без знаење не може да помине, ниту во однос на менаџирањето со лозјата, ниту од аспект на менаџирањето со технологиите, нагласи претседателот на „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.

Тој оцени дека  тешко настануваат промени додека секој сам не се увери во тоа што го прави.

„Продолживме по стариот пат, конзервативно, а велат ако не ги почувствуваш промените и останеш да го чекаш автобусот, а линијата е променета, нема да добиеш ништо. Сѐ уште немаме пристап и визија за тоа како да се промениме и каде треба да одиме. Иако здружението е направено за да се обединиме и да ја подигнеме Македоинија на ниво на винска земја, сѐ уште немаме единство и пристап за тоа да го направиме. Пристапот секогаш се прави од внатрешниот дел – индивидуалните производители, но и од поддршката од надвор – владините институции. Бидејќи кај нас владее популизмот, ‘да добијам на политичката сцена’, сѐ уште немаме пристап и волја за промена. За нас, од винскиот сектор, реформите и промените во основа значат менување од корен. Тиквеш работеше на тоа, да ги промени работите од корен, а тоа значи копачење на лозјата што не вредат или не даваат квалитетни приноси, да го промени менаџментот во лозарството, да постигне стандарди и да внесеме знаење за да добиеме производ што ќе биде прифатен на пазарот без импровизации. Дваесет и две години преговаравме со лозарите како да ги промениме. Пред околу 2,5 години успеавме да добиеме група лозари кои одлучија да работат по стандирдите, а кога добија таков производ, дојдоа да кажат ‘ова ни мојот дедо не го направи’“, рече Јаневски.

Регионалниот советник за земјоделство од Амбасада на Федерална Република Германија во земјава, Франк Мулер, укажа дека е неопходен дијалог со регионалните производители, зајакнување на соработката во сите земји од Западне Балкан, спроведување маркетинг кампањи и воведување соодветни земјоделски политики.

Осврнувајќи се на состојбата во светски рамки, професорот Јон Ханф од Гајзенхајм Универзитетот во Германија рече дека Кина засега бележи најголем равзој во однос на лозовите насади и оваа земја денес никако не е мал играч. Франција, пак, како што истакна, размислува за намалување на квантитетот на пазарот.

За најновите движења во интра-регионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан, зборуваше извршната директорка на „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ. Таа ја истакна неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло, како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.

Една од пораките на експертите беше и важноста од заеднички настап на компаниите. Ваквиот пристап, како што подвлекоа, може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ