„Да се оствари уште подлабоко партнерство и пријатлество меѓу нашите земји што е добро за двата наши народа. Вие знаете, ги потврдувам зборовите на претседателот Гаши дека Република Хрватска е силен поддржувач на Република Македонија. Знам дека се соочувате со проблеми. Знам дека вашето членство во НАТО беше исплнето со препреки, и дека сè уште се соочувате со одредени препреки кон патот на ЕУ. Можам да кажам дека членството во ЕУ има геополитичко значење. Тоа донесува сигурност. Се разбира, на тој пат вашата земја ќе мора да помине низ процес на реформи што е добро затоа што и Хрватска го помина тоа“, рече Јандроковиќ.
Ве охрабрувам, нагласи спикерот на хрватскиот Сабор, да продолжите на тој пат, да дадете сè од себе затоа што тоа, ќе биде во корист на државата.
„Реформите донесоа многу позитивни ефекти во општеството. Имаме инвестиции, зголемено ниво на вработеност. Имаме најпозитивни општествени промени. И затоа и ве охрабрувам да продолжите на тој пат да дадете сè од себе, затоа што тоа ќе биде во корист на државата. Ќе обезбеди подобра економија и подобар животен стандард. Без разлика на пречките коишто се некогаш неправедни, вие ја имате нашата поддршка на тој пат“, рече претседателот на Саборот на Хрватска.
Јандроковиќ потенцира дека политичките односи меѓу нашите две држави се извонредни, исто како што е економската соработка, бидејќи стоковната размена меѓу двете држави постојано расте,
„Можам да кажам и дека односите меѓу нашите два народа се навистина пријателски. Секогаш постои партнерство, пријателство, симпатија, бидејќи нè врзуваат историски врски. Овој состанок е многу важен не само за развојот на билатералната соработка, туку и за парламентарната соработка и се надевам дека оваа средба ќе даде позитивна динамика во понатамошните односи“, рече Јандроковиќ.
Гаши нагласи дека во фокусот на нивниот состанок било зајакнувањето на меѓупарламентарната соработка преку заедничките парламентарни групи кои се формирани во двата законодавни дома. Размената на искуства, идеи и идентификацијата на полињата за соработка, додаде тој, се клучни чекори во зајакнувањето на нашите врски.
„Хрватска беше и останува силен и постојан поддржувач на европската перспектиава на нашата држава. Силно верувам дека Хрватска е примерот од кој можеме да научиме како да ги спроведеме реформите и интегративниот процес во ЕУ. Потсетувам дека двете земји во истата година го потпишаа Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, а денес Хрватска веќе 12 години е полноправна членка, додека за жал, Македонија заостанува во овој процес поради добро познатите пречки. Свесни сме дека има уште работа, реформи што треба да се спроведат и прашања кои треба да се решат. Но со сојузници како Хрватска и другите од ЕУ веруваме дека овој процес ќе биде успешен за нас, исто како што беше и за Хрватска. Реформската агенда и планот за раст на Западен Балкан се важни и орхабрувачки елементи кои сведочат за ангажамнот на ЕУ во поддршка на нашата интеграција и земјите од регионот“, рече спикерот Гаши.
Оваа средба, како што потенцира Гаши, исто така беше одлична можност да потврдиме дека нашите сојузништво е уште посилно преку соработката во рамките на НАТО каде нашите земји активно учествуваат во мисиите за зачувување на мирот и безбедноста, како заеднички демократски вредности.
„Во рамките на оваа заложба се согласивме дека нашата интеграција во ЕУ не е само аспирација и потреба за внатрешен развој, туку е геополитичка нужност особено ако ги земеме предвид тензиите и руската агресија врз Украина. Сметам дека нашиот пат кон ЕУ е инструмент за обезбедување за стабилност и мир во регионот. Ги разгледавме можностите за соработка во различни области како што се економијата, културата и мултилатералната соработка. Се согласивме дека ќе продолжиме да бидеме лојални партнери на регионално и меѓународно ниво. Поддршката на Хрватска за Македонија како во процесот на интегрција во ЕУ, така и во секоја друга област е од непроценлива вредност и од клучно знаење за нас“, рече Гаши.
Претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ по прес-конференцијата се обрати и пред пратенците во македонското Собрание.
„Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму“, истакна претседателот на Саборот на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, во обраќање пред пратениците во македонското Собрание.
Укажа дека светот глобално политички се менува, дека станува сè поопасен и на удар се вредностите, а во контекст на новите околности со војната во Украина, истакна дека „овие денови и над ЕУ и над НАТО се надвиснуваат сиви облаци“ и оти „можеби од почетокот на нивното основање, ова е најголемата пресвртница за двете организации“.
„Не знаеме како ќе изгледа нивната иднина и затоа е многу важно да се вложува голем труд, да се воспостави траен светски мир. Последните месеци сведоци сме дека на двете страни од Атлантикот постојат различни визии за тоа како треба да изгледа еден мир. Времето ќе покаже во која мерка е возможно да се воспостави заедничка визија за тој мир. Нам ни е важно тој мир да биде одржлив и праведен, а не да биде неизвесна иднина… Не може да се разговара за мир во Украина без учество на Украинците, бидејќи тоа ја доведува во опасност нивната сувереност и територијален интегритет. Тоа би било и силен удар врз меѓународното право и врз светот којшто го градиме од Втората светска војна наваму. Не може да се размрда тој поредок затоа што тоа ќе биде неверојатен преседан којшто ќе создаде нестабилност и којшто ќе значи оправдување на агресија“, истакна Јандроковиќ.
Затоа, додаде тој, „нашата заедничка обврска е да се афирмира меѓународното право, поредокот кој се темели на меѓународно право, а не врз основа на моќта на посилниот“.
„Тоа треба да биде нешто што ќе нè обедини – почитување на меѓународното право, почитување на територијалниот интегритет и суверенитет, тоа е во сржта на меѓународните односи и нешто врз што мораме да се потпреме“, додаде претседателот на хрватскиот Сабор.
Порача дека сè поопасното глобално опкружување потврдува дека е важно да се воспостави уште поблиска соработка меѓу пријателите.
„Република Македонија и Република Хрватска се тоа. Важно е да продолжиме со соработка на билатерален и мултилатерален план. И тоа е целта на мојата посета. Тоа се случува во важен момент – за три недели се прославува воспоставувањето на нашите дипломатски односи, како и сојузништвото што го остваривме во НАТО. Се надеваме дека нашето партнерство во НАТО ќе биде надградено и со вашето членство во Европската Унија“, рече Јандроковиќ во обраќањето во кое се осврна и на економската соработка и пријателските врски меѓу двете земји.