Обвинети во „Организаторите на 27 април“ за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста се поранешниот претседател на Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, неговите сопартијци и поранешни министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и бившиот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
„Почитувајќи ги законските одредби и имајќи ги предвид ограничувањата при примената на законот, обвинителството темелно ги образложи причините за своето мислење со кое наоѓа дека кај тројца од обвинетите законските одредби налагаат амнестија, додека кај еден обвинет не може да се примени овој правен институт, бидејќи за истиот важат исклучоците од амнестијата која ја дал законодавецот со своето законско решение“, соопштија од ОЈО ГОКК.
Како што веќе објавивме, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција даде мислење и се произнесе за предлогот на одбраната во случајот со обвинетите за организирање на настаните од 27 април, за примена на Законот за амнестија од 2018 година.
Адвокатот Еленко Миланов за МКД.мк вели дека обвинителството дало мислење за примена на Законот за амнестија и сега Судот треба да донесе одлука. Ова мислење се однесува на обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски.
„Ние дадовме предлог за примена на Законот на амнестија од 2018 година. Обвинителството денес изјави дека и тие сметаат дека постои правна пречка да се води оваа постпака. Сега Судот треба да одлучи дали ќе се запре постапката или истата ќе продолжи“, изјави за МКД.мк адвокатот Миланов.
Мислењето е доставено до странките во постапката, а рочиштето е одложено за 23 јануари, до кога треба да се донесе одлука по барањето на странките и мислењето на Обвинителството.
Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Трајко Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години затвор. Предметот е вратен на повторно судење.
Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.
Дали оваа постапка ќе запре или ќе продолжи, ќе се одлучува во првиот месец од следната година.