четврток, 26 декември 2024
Холандскиот амбасадор без ракавици кај лидерот на ДУИ

Јан Коп му кажа на Ахмети дека Холандија силно ќе реагира за мешањето во судството

Амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, кој „без ракавици“ ги критикува негативните појави во македонското општество и особено лошите состојби во судството и влијанието врз него, објави дека бил кај лидерот на ДУИ Али Ахмети и дека Холандија остро ќе реагира поради политикото влијание врз претседателката на Врховниот суд. Од ДУИ и кабинетот на Ахмети засега без соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

„Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар.

Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија“, се вели во соопштението на Холандската амбасада за средбата на амбасадорот Дирк Јан Коп со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Вообичаено, политичките партии и нивните лидери, не забораваат да објават соопштение и фотографии од средби со западните амбасадори и по правило низ политички фрази се соопштува дека се разговарало за евроските интеграции, посветено работење, за добра соработка… Вообичаено и се усогласуваат ваквите соопштенија.

Но, се чини, холандскиот амбасадор не се усогласувал со лидерот на ДУИ за тоа што ќе ѝ биде сервирано на јавноста. A Ахмети и ДУИ немаат ниту збор на официјалните фејсбук профили, каде „тече“ интервјуто на лидерот на ДУИ за албанска телевизија.

Во неколкуте реда од соопштението на холандската Амбасада има висока доза на критика. Не случајно амбасадорот токму со лидерот на ДУИ зборува за политичко влијание врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми која во интервју за СДК.мк се пожали на политички притисоци, што предизвика бурни реакции па дури и обид за нејзино разрешување и ставање на дневен ред во Судскиот совет. А од каде „дуваа“ тие обиди не беше тешко да се прочита меѓу редовите. Можеби и „приказната“ со М-НАВ и мерките за претпазливост за лица од ДУИ, изречени од судија, беа дополнителен мотив за содржината на соопштението? Или и ред други случаи од пред и зад празниците?

Амбасадорот Дирк Јан Коп во една прилика рече дека неговите критики се добронамерни и не се мешање во внатрешниге работи на Македонија бидејќи Холандија од своите даночни обврзници издвојува големи суми на пари за владееето на правото и за унапредување на македонското правосудство како независно и ефикасно.

Неодамна, Јан Коп праша и директно каде се парите.

„Не може во ЕУ, ако ги сакате само парите на ЕУ, а не и вредностите. Што правите вие освен што натрупавте изговори за исполнување на барањата за членство? Зошто вие не ги извршивте потребните реформи пред 15 години како другите земји? Слушам дека Европската Унија е виновна и дека членството е заедничка одговорност, како и тоа дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нè оставате нас да ве чекаме премногу. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници?“, рече холадскиот амбасадор Дирк Јан Коп на регионалната експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“, во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“, што се одржа во Скопје.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ