петок, 18 октомври 2024
Прес конференција на градоначалникот на Карпош

Јакимовски: Направена е нова реонизација за прием на ученици во основните училишта и мора да се почитува

Објавено на

часот

Сподели

Јакимовски посочи дека одредени училишта се соочуваат со сериозен проблем, бидејќи има  поголем број на ученици кои треба да посетуваат настава дури и во три смени, а дека од друга страна пак, има училишта кои немаат доволен број на основци,поради предрасуди кај родителите.

„Токму во ООУ „Владо Тасевски“ во населбата Козле каде што се наоѓаме денеска, постои голем притисок за упис на првачиња, така што во оваа установа имаме 1.010 ученици. Од тие причини, Советот на Општина Карпош донесе одлука за нова реонизација, според која што основците кои се запишуваат во прво одделение а живеат на локацијата од ул. Рузвелтова до ул. Брадфордска, ќе учат во ООУ „Војдан Чернодрински“, рече градоначалникот Јакимовски.

Тој прецизира дека основците од населбата Долно и Средно Нерези, како и од населеното место Тафталиџе, ќе посетуваат училишна настава во ООУ „Братство“, односно реонизацијата за нережани започнува од пред влезот  на фабриката Реплек.

„Ова го правиме од крајна нужда, затоа што нема доволно училишта, а дополнителен проблем ни создава и потребата, тие да ја организираат својата настава во ‘деветолетка’, додека пак знаеме дека сите училишта предвидуваат осум годишна настава. Тоа значи дека во секое училиште ни се потребни дополнителни четири или пет училници. Бидејќи ова е одлука на Советот на Општина Карпош, ве упатувам дека  неа не смее да ја крши никој,  вклучувајќи ме тука и мене, како и директорите на училиштата“, нагласи Јакимовски.

Тој апелира до граѓаните да имаат разбирање за проблемите со кои се соочуваат основните училишта во Карпош, во насока на обезбедување на поквалитетно образование.

„Одговорно тврдам дека е многу подобро, вашето дете да учи во одделение со 18-24 деца, наместо во одделение со 34 ученици, каде што условите се поинакви. Затоа сметаме дека овој процес на реонизација кој го правиме е од интерес на сите ученици, бидејќи во краен случај, целта ни е да им понудиме подобри услови за едукација. Во исто време, ги замолувам сите оние коишто не се жители на нашата локална самоуправа, исто така да се придржуваат кон правилата кои се утврдени  со реонизацијата  и да не прават дополнителни притисоци, бидејќи одлуката на Советот на Општина Карпош е донесена со консензус на сите советнички групи и неа мораме да ја почитуваме сите“, порача градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ