Советниците од Независни за Карпош и од Левица подолг период предупредуваат на фалсификуваното позитивно конзерваторско мислење за оваа градба, потпишано од директор кој е во домашен притвор за сличен таков фалсификат во Скопската чаршија. Тие бараат од Министерството за култура да се преиспита тоа мислење, но од таму нема одговор.
„Излези против владеење на мафијата“ е мотото на за утре најавениот протест на неколку граѓански организации. Протестот пред СЦ Борис Трајковски е против изградбата на спорната 17-катница каде треба да живеат 2.000 граѓани среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје.
„Кој да бил или дојде на власт, мафијата ги влече конците, за свој личен профит се уништува Карпош, се уништи Скопје. Ја докусурија цела држава, ни го одземаа правото на здрав, хуман и достоинствен живот“, се вели во најавата за протестот.
Според советниците на Независни за Карпош парцелата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар. Овој Центар најпрво издаде негативно конзерваторско мислење, кое набрзо истиот директор Константин Димитровски подготви ново, позитивно мислење.
Освен тоа, до Воена болница не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери.
Инвеститори на овој објект се ЗСФ ком ДОЕЛ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги Делта 2015 констракшн ДООЕЛ.