недела, 22 декември 2024

Извештај на ДЗР: Нерамномерен регионален развој, 263 села се празни

Објавено на

часот

Сподели

Стратегијата за регионален развој 2021-2031 година е донесена со задоцнување, врз основа на проценка за населението, која отстапува од резултатите од Пописот, а политиките за рамномерен регионален развој не ги даваат очекуваните резултати, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени и покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години, се вели во извештајот на ДЗР.

„Извршената ревизија и анализираните индикатори на регионите, укажуваат дека реализираните активности и искористените средства за остварување на стратешките цели, не постигнале намалување на диспаритетите помеѓу планските региони во државата. Константните регионални разлики во социо-економскиот развој укажуваат на неефикасно планирање на активностите за ефективно остварување на политиката за рамномерен регионален развој, за што е потребно ревидирање на предвидените мерки на национално, регионално и локално ниво и координирано дејствување за намалување на диспаритетите, зголемена атрактивност на регионите и поквалитетен живот на населението

За поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства од најмалку 1 отсто од БДП, кои за финансирање проекти се распределуваат по плански региони, согласно Одлуката за класификација на планските региони и степенот на развиеност.

Ревизорите забележале тренд на пораст на издвоените средства за оваа намена во последните години, но не се во висина на законски утврдените.

Во периодот 2019 – 2021 година, од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани се средства во вкупен износ од околу 9 милијарди денари, што претставува 46 отсто од законски утврдениот минимум, а искористени се 83 отсто односно околу 8 милијарди денари. Распределбата на средства по региони не е извршена согласно утврдениот степен на развиеност. Скопскиот регион како најразвиен, иако треба да учествува со 7,2 отсто, а Североисточниот како најнеразвиен со 17,3 отсто од вкупните буџетски средства за оваа намена, во Скопскиот регион алоцирани се 26,2 отсто, за разлика од Североисточниот регион кој добил 8,4 отсто. Исто така, утврдени се слабости и нецелосна функционалност на системот СиРеРа како интегрирана софтверска платформа која дава можност за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој. Од вкупниот БДП 43 отсто се создава во Скопскиот регион што е за повеќе од 8 пати од БДП во Североисточниот регион кој во вкупниот БДП учествува со само 5 отсто и има највисока стапка на невработеност од 32,4 отсто“, констатира ДЗР.

Бо извештајот ревизорите забележале дека социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени.

„Природниот прираст на населението како значаен индикатор за утврдување на демографскиот индекс, од 2010 година во континуитет бележи намалување, односно од 2,5 промили, во 2021 година има негативен предзнак и изнесува -5,4 промили. Тренд на намалување на стапката на природен прираст бележат сите региони, а најниска во Источниот и Пелагонискиот регион. Ваквата состојба се надополнува и со резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, кои покажуваат дека два региона (Вардарски и Југоисточен регион) не го задоволуваат критериумот за минимален број на население според  Номенклатурата на територијални единици за статистика (НТЕС 3) од 150.000 жители, а Источниот регион е на граница на утврдениот минимум“, се посочува во извештајот на ДЗР.

Во последните 10 години, како што се истакнува, надворешните миграции главно имаат негативно салдо, а најмногу регистрирани иселени лица бележат Југозападниот, Вардарскиот и Полошкиот регион.

„Трендот на миграции на населението од селата доведува до нивно напуштање. Според резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, во државата има 205 испразнети населени места/села и во однос на 2022 година нивниот број е зголемен за 40 отсто, односно уште 58 села останале без ниту еден жител“, се вели во извештајот од ДЗР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ