Хуан Мерчан, судија на Врховниот суд во Њујорк, денес го одложи изрекувањето на пресудата и го закажа за 26 ноември.
Како една од причините за одложувањето ја наведе „единствената временска рамка во која ова прашање во моментов се наоѓа’. Напиша дека случајот бара „изрекување пресуда кое целосно е фокусирано на одлуката на поротата“.
„Нивната пресуда мора да се почитува и мора да ѝ се пристапи на начин кој не е разводнет поради сериозноста на претстојните претседателски избори“, додаде судијата, согласувајќи се да го одложи изрекувањето на пресудата на точно три недели по изборите на 5 ноември.
Адвокатите на Трамп побараа одложување, а подоцна по втор пат неуспешно се обидоа да го префрлат случајот на сојузен суд.
Њујоршката порота во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки на обвинението поради фалсификување документи. Станува збор за прв случај актуелен или поранешен американски претседател да е осуден за криминал.
На Трамп му се заканува казна до четири години затвор, но судијата има можност да му додели парична, условна или пократка затворска казна.