Амбасадорот Дени Данон, исто така, го предупреди Техеран дека Израел може да ја нападне која било цел на Блискиот Исток, вклучително и Иран. Тој додаде дека Израел нема да толерира напади од ирански посредници.
Но, неколку часа подоцна, израелската војска објави дека пресретнала проектил од Јемен, поради што се огласиле сирените за узбуна ширум земјата, а лидерот на Хутите рече дека групата нема да ги прекине нападите врз Израел.
„Ракетирањето на ентитетот (Израел) продолжува и поддршката за Газа продолжува“, напиша шефот на Врховниот револуционерен комитет на Хутите, Мохамед Али ал-Хути, во објава на социјалната мрежа Икс, откако израелската војска соопшти дека пресретнала проектил од Јемен.
Хутите редовно вршат напади со беспилотни летала и проектили врз Израел, што тие го нарекуваат чин на солидарност со Палестинците, кои се под израелски напад во Газа.
Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, Данон рече дека Израел нема да толерира дополнителни напади од Хутите. „Хути, веројатно не обрнавте внимание на она што се случи на Блискиот Исток минатата година“, рече тој.
„Да ве потсетам што се случи со Хамас, Хезболах, Асад, сите оние кои се обидоа да нè уништат. Ова нека биде вашето последно предупредување. Ова не е закана. Ова е ветување. Ќе ја делите истата бедна судбина“, рече Данон.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху минатата недела ги предупреди Хутите дека Израел „штотуку почнува“, по израелските напади врз неколку цели на Хутите во Јемен, вклучувајќи го аеродромот во Сана, пристаништата на западниот брег на земјата и две електрани.