среда, 4 декември 2024

Изложба на фотографии и промоција на книга на Боро Рудиќ

Утре во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена изложбата на фотографии на Боро Рудиќ. На отворањето ќе се одржи и промоција на новата фотографска книга „Треперење” на авторот Боро Рудиќ, создадени во последните 6 години.

Објавено на

часот

Сподели

Преку оваа изложба и фотомонографија, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин?

„Ликовната уметност секогаш во Македонија е третирана многу повисоко од фотографијата како уметност иако во светот горе-долу тоа е изедначено. Ние фотографите секогаш, па и денес, како да се чувствуваме како граѓани од втор ред. Фотографот ако може да влезе во галерија може, ако не никому ништо. Едноставно институциите не стоеја многу зад нас, иако морам да бидам искрен и да признам дека во последно време како да се менуваат тие работи. Ете затоа сакав да можам да кажам дека во Македонија, во Скопје, ќе има место кадешто само фотографите ќе излагаат. Едноставно да се придвижат некои работи и на фотографијата да се гледа малку посериозно. Да не бидеме третирани како ‘аматери’“, вели Рудиќ.

Оваа изложба има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.

Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ