четврток, 23 јануари 2025

Изјавата на Мицкоски за „нерешеното македонско прашање“ е провокација за грчкото МНР

Министерството за надворешни работи на Грција се огласи за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, пред македонската дијаспора во Њу Џерси, САД, за „нерешеното македонско прашање што сè уште тлее и постои“.

Објавено на

часот

Сподели

„Во неговата изјава во Њу Џерси, САД, премиерот на Северна Македонија одбра да зборува за ‘нерешено’ и ‘постојно’ македонско прашање. Ова, претставува провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо’, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски“, јави дописничката на МИА од Атина.

„Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји“, пишува во соопштението од грчкото МНР.

Реакцијата од грчкото МНР доаѓа по изјавата на премиерот Мицкоски од САД во која рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.

Изјавата на премиерот ја пренесоа голем дел од грчките медиуми, коментирајќи дека „Мицкоски провоцира“ и говори за „нерешено прашање“.

„Борбата дома е борба којашто ние ќе ја водиме, борба за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и тоа го правиме откако сме избрани како Влада, но таа борба за еден од најмалубројните народи во Европа, не е доволна. Треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“, напиша вчера премиерот Христијан Мицкоски на неговиот Фејсбук – профил.

„Затоа е многу важна врската којашто ја има татковината со Македонците надвор, да продолжи да се засили да биде уште посилна и да биде на повисоко ниво. Затоа сакам да ве убедам и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна и да успее и внатрешни и надворешни, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди Илинденските идеали и ќе го продолжи делото на Илинденците за суверена, независна и демократска Македонија којашто ќе биде најбогата на Балканот!“ порача Мицкоски преку Фејсбук, по средбата со македонската дијаспора во Њу Џерси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ