„Платата за март во културата не е исплатена. Сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата уште немаат земено плата. Добив повик од кабинетот на министерката за култура каде ми соопштија дека денеска во 13 часот треба да имаме состанок во Министерството за финансии. За што ќе биде точно состанокот не сум информирана, меѓутоа веднаш потоа од институциите за култура добив повици во коишто кажуваат дека вработени од Министерството за култура им се јавувале во институциите и кажувале платата да се исплати без усогласувањето согласно колективните договори“, посочи Атанасовска на прес-конференцијата пред Министерството за култура.
Според Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.
„И денека ја нема платата. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата“, додаде Атанасовска.
Според Атанасовска, ова не само што ја загрозува егзистенцијата на оние кои се посветени на уметноста и културата, туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции.
„Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана културна работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“, појасни Атановска.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов на прес-конференцијата посочи дека платите треба денеска да се исплатат согласно колективниот договор. Во спротивно, како што рече, од утре почнуваат протестите.
Тој напомена дека од денеска ќе зависи дали тие протести ќе бидат само пред Министерството за култура или и пред Министерството за финансии.
„Пред две недели бевме тука и слушнавме дека министерката за култура дава целосна поддршка и го зборува тоа што го зборува и синдикатот – платите во културата растат за 12 проценти. За жал, две недели подоцна тоа се уште се нема случено и ние сме загрижени дека мерењето на политичката сила на грбот на овие работници е неприфатливо и не смее да се случи во едно демократско општество. Се разбира дека ССМ во изминатиот период покажа дека нема да молчиме и покрај сите притисоци што ги добиваме и ние во ССМ, меѓутоа и синдикатите“, рече Трендафилов.
Тој ја повика министерката за култура денеска да направи максимални напори платите до крајот на работното време да легнат на сметките на вработените во култура.
„Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и другите денови и така се’ до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата, а платата веќе сме си ја изработиле а ја работиме и новата плата за месецот кој треба да го добиеме во месец мај. Недозволиво е ова да ни се случува особено 15 дена пред избори. Недозволиво е 15 дена пред избори да барате наш глас, а притоа да не не’ плаќате како што треба – зборуваме за плати, не зборуваме за мито и корупција. Немаат изговор, платата најдоцна до крајот на денот доколку не легне во текот на утрешниот ден започнуваат протестите“, додаде Трендафилов.