сабота, 27 јули 2024

Иван Антоновски ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието на ДПМ

Писателот Иван Антоновски ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија – ДПМ. Тој преку соопштение за јавноста информира дека се повлекува зашто ислезе дека правно и не постои таква функција. Вчера својата кандидатура за претседател на ДПМ ја повлече писателот Блаже Миневски.

Објавено на

часот

Сподели

„Ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на Собранието на ДПМ. Во актуелните околности и новонастанатите состојби, сметам дека ова е единствениот исправен чекор, и за доброто на ДПМ, и за заштита и на човечкото, и на авторското достоинство на македонскиот писател и неговото дело!

По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција. Сепак, сметам дека имам морална обврска да се обратам до вас и да ве известам дека и формално го преземам овој чекор, затоа што ставовите и програмските определби од мојата кандидатура, всушност, беа одраз на тоа што голем дел од членството го чувствува и го изрази како потреба. Верувам дека потребата од заложби за модернизација и транформација на македонската писателска асоцијација и натаму е силна, иако, по сето она што го посведочивме во овој период, јасно е дека патот ќе биде уште подолг и потежок.

Со формалното повлекување на кандидатурата чувствувам обврска и се надевам дека на овој начин ќе успеам да спречам заедничките заложби за консолидација на ДПМ да бидат вовлечени во евентуални натамошни случувања што би немале правен легитимитет и дополнително би му наштетиле на Друштвото, а тоа, верувам, дека не сакаме да си го дозволиме. Затоа што заложбите беа и се за нов систем на вредности, а не за продлабочување на веќе постоечките проблеми. 

И покрај сè, сакам да верувам дека ДПМ може да излезе од ќорсокакот во кој се наоѓа, а дали тоа ќе се случи зависи од секој од нас – членовите на ДПМ!“, вели писателот Антоновски.  

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ