петок, 26 јули 2024

Блаже Миневски се повлече од кандидатурата за претседател на ДПМ

Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на Друштвото на писателите на Македонија што се појавија во јавноста, ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на ДПМ и нема да присуствувам на закажаното продолжување на вонредното изборно собрание на друштвото, вели во писмото до јавноста писателот Блаже Миневски.

Објавено на

часот

Сподели

„Многу сериозни се информациите објавени во телевизискиот разговор со поранешната претседателка, Соња Стојменска-Елзесер, за постоење на два статута – еден ‘важечки’ и еден ‘неважечки’, еден ‘јавен’ и друг ‘таен’, но валиден, депониран во Централниот регистар. Функцијата претседател на ДПМ според Статутот доставен до Централен регистер има мандат од две години, додека не постои воопшто функција претседател на Собранието. Според Статутот објавен на веб страницата, мандатот на претседателот на ДПМ е 4 години, како и мандатот на претседател на Собранието. Врз основа на кој Статут се бирала и се бира управата на ДПМ? Дали мандатот на претседателот е две или четири години? Дали вршењето на функцијата претседател на Собранието е легитимно и дали некој воопшто имал мандат со повикување на таа функција да презема активности и да настапува во име на ДПМ според невалидни акти?     

 Освен тоа, во изминатите два месеца, од 25 ноември минатата година до денес, не е направено ништо за вонредното изборно собрание да бидат известени оние 65-мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана ниту материјали за учество во работата на Собранието.

Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата.

Не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација. 

Исто така, и покрај ветувањето дека ќе се покријат патните трошоци на членови што дојдоа од внатрешноста на вонредното изборно собрание во ноември, досега таква исплата не е направена.

Писателската асоцијација на Македонија за првпат во своите 77 години се наоѓа на чекор од самоукинување.                     

ДПМ мора да фати приклучок со новото време, излегувајќи од бездната во кое е фрлено свесно или несвесно во изминатиот период. 

Можеби единствен начин за излез од катастрофалната состојба е евентуалната можност да се активира Советот на ДПМ (поранешните претседатели) и/или членството да избере привремена управа за надминување на кризата, со цел да се разгледаат сите опции, да се надминат правните проблеми со статусот и Статутот на друштвото, да се анализираат и утврдат точните списоци на членството и потоа да се организира легитимно изборно собрание.

На крајот, сепак се надевам дека како членство ќе ја понесеме одговорноста и ќе изнајдеме начин македонската писателска асоцијација да излезе од состојбата во која се наоѓа“, пишува во писмото Блаже Миневски, еден од четворицата кандидати за претседател на ДПМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ