петок, 7 февруари 2025

ИСВ: Нова украинска офанзива во Курск

Украинските елитни бригади започнаа нова офанзива во руската област Курск, откако во август украинската армија влезе во Курск и окупираше неколку стотици квадратни километри територија и околу 100 населени места.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна им кажа на руските одбранбени претставници дека нивната главна цел е да ја одбијат таа инвазија. Меѓутоа, руската армија веќе половина година не може да ги протера Украинците од својата територија.

Во оваа прилика синоќа се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој рече дека Украина „им ја врати војната дома, во Русија“.

„Мора да почувствуваат што навистина значи војна. И го чувствуваат тоа“, рече Зеленски.

Според проценките на американскиот Институт за проучување на војната (ИСВ), украинските сили вчера извршија нова серија напади во кои беа вклучени единици со големина на полк. Нападите ги изведуваат комбинирани сили, а во нив учествуваат и оклопни возила. Според проценките на ИСВ, Украинците ја пробиле руската одбрана и напредувале до пет километри зад руските линии југоисточно од градот Суџа.

На 5 февруари, рускиот претседател Владимир Путин ги пофали елитните единици на руските воено-десантни сили (ВДВ) и поморските пешадиски формации кои го бранат регионот Курск, што, според ИСВ, укажува дека украинската офанзива во регионот Курск од август 2024 година врзува еквивалент на една комбинирана руска армија.

Во текот на шест месеци од почетокот на операцијата на украинската армија во областа Курск на Руската Федерација, вкупните загуби на руската армија изнесуваат околу 40.000 луѓе, вклучително и повеќе од 16.000 загинати, според Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Русија беше принудена да побара помош и од Северна Кореја, која испрати 12.000 свои војници во регионот Курск, пишува Укринформ.

„Вкупните загуби на севернокорејскиот контингент изнесуваа околу 4.000 луѓе. Од трите номинални севернокорејски бригади, едната беше уништена, додека другите две ја загубија борбената способност. Како резултат на тоа, севернокорејските единици беа повлечени од бојното поле“, се вели во соопштението. Според украинските и западните разузнавачки служби, севернокорејските војници со недели не се видени на боиштата во Курск.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ