сабота, 27 јули 2024

ИПИС е близок со ВМРО-ДПМНЕ, анкетираат исти луѓе, вели Ковачевски и не ѝ верува на анкетата

Во врска со анкетата на Институтот за политички истражувања која беше објавена на МРТВ, а според која ВМРО-ДПМНЕ има двојно водство пред СДСМ, Ковачевски оцени дека таа е изготвена од институт близок до ВМРО-ДПМНЕ и дека анкетарите им се јавуваат телефонски на исти луѓе.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа што се случува таму наликува точно на она што се случуваше до 2016 година. За тие анекти ќе ви кажам дека на исти луѓе им се јавуваат и на мобилен и на фиксен телефон, и така ги добиваат резултатите. За тоа дека се работи за лажни анкети најдобро потврдува денот на собирањето на потписите за претседателски кандидати, кога ВМРО-ДПМНЕ и таму очекуваше да има пет пати повеќе потписи, за на крај ние да собереме над 22.000 потписи. Тие објавија дека собрале повеќе, но на крај, се испостави дека нивниот претседателски кандидат ќе биде кандидиран само со потписи на пратениците што очигледно потврдува дека и тие потписи не биле толку колку што биле објавени или имало некој друг инженеринг околу нивното собирање“, рече Ковачевски.

Прашан дали израелскиот експерт Асаф Еисин е консултант на СДСМ, дали тој ќе ја води кампањата, колку чинат неговите услуги и од кои пари ќе бидат платени, Ковачевски одговори дека нема таков консултант.

„Немам таков консултант, јас имам консултант кој се вика Александар. Мојата кампања, како и до сега, ја извршува шефот за комуникации на СДСМ, Александар, веројатно сите го знаете. Видеата на социјалните медиуми ги работат наши сограѓанки. Ниту Александар е Израелец, ниту овие девојки се Израелки. Мојата кампања и на претседателскиот кандидат Пендаровски ја работат баш тие луѓе. Не знам што точно одговориле од кабинетот на Пендаровски, но ви кажувам кој ги работи моите кампањи и кој комуницира со сите вас“, потенцира Ковачевски.

Тој денеска засади дрвце во Општина Центар и оцени дека Скопје е запустено како да нема, како што нагласи, ниту градоначалник, ниту градски совет.

Ковачевски не откри кои ќе бидат носителите на изборните листи на коалицијата на СДСМ ниту кои ќе бидат кандидатите за пратеници, освен што потврди дека партиската потпретседателка Сања Лукаревска и тој самиот, ќе бидат носители на листи.

Во однос на информациите во јавноста дека наводно Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски децидно кажа дека „никој никаде не е преместен“.

„Тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција“, рече лидерот на СДСМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ