„Остануваме на ставот дека сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни, хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, мораат да бидат домашни – македонски – државни! Странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на нашата држава. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси.
Пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен, бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и емитува CO₂. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени.
Аерозагадувањето во Македонија е резултат на загадувачки индустриски капацитети, неефикасни системи за греење, согорување на несоодветно исушено огревно дрво и неконтролиран сообраќај. Неправилното урбанистичко планирање дополнително го влошува проблемот.
Решението треба да биде системско, долгорочно и современо – преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот.
Очекуваме Владата да остане на ветувањата дека ќе се фокусира на развојот и поддршката на национални енергетски капацитети кои ќе бидат во служба на граѓаните и економијата на Република Македонија. Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации“, се вели во соопштението на ИНРМ.