Професорот Константин Димитров во изјава за медиумите рече дека овој проект треба да го води државата, а не да се дава на која било друга држава.
„Или, ако веќе се прави партнерство, Македонија треба да биде најмалку 51 процент сопственик, да може да управува, да раководи и профитот од тоа сепак да остане, генерално, во Македонија“, изјави Димитров.
Според инженерите, хидроцентралата „Чебрен“ е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и кога за четири години поради зелената транзиција треба да престанат да работат РЕК Осломеј и РЕК Битола, тогаш „Чебрен“ треба да ѝ овозможи на државата енергетска независност.
„Велат дека таа хидроцентрала ќе се даде на 60 години на странски инвеститор на користење, а РЕК Битола сега има 40 и нешто години и веќе се случуваат многу големи хаварии“, изјави Дениз Мустафаоглу, машински инженер.
Поддршка на денешниот собир даде Левица од каде побараа преиспитување и повлекување на владината одлука за концесијата за Чебрен.
„Чебрен треба да биде државен проект, а не да се подарува или распродава на странски интереси бидејќи таа има стратегиско значење за енергетската независност на Македонија и може да придонесе за остварување на домашните енергетски цели и потреби, се наведува во соопштението од Левица.