Од ДПИ велат дека од мониторингот е уврдено дека цените на производите од новогодишната кошничка се намалени за 10 отсто и на рафтовите се ознечени со соодветната ознака.
„Мониторингот на цените се врши во согласност со Законот за заштита на потрошувачите и Законот за трговија, односно се гледаат сегашните цени на производите кои ги содржи листата од „Новогодишната кошница“ заедно со најниските цени на истите производи кои биле применувани во последните 30 дена. Кампањата ќе трае до 15 јануари 2025 година, а Државниот пазарен инспекторат ќе врши контрола низ маркетите за да утврди дали се почитува договорот постигнат помеѓу Владата и трговците. Во кампањата се вклучени 80 трговци, со листа од над 800 прехранбени производи која граѓаните може да ја најдат на веб страната www.mojakosnica.mk. Дополнително се очекува листата да се проширува и да опфати над 1.000 производи“, потсетува Инспекторатот.
Пазарниот инспекторат апелира, доколку граѓаните забележат какви било манипулации, да пријават на 191 или на www.dpi.gov.mk.
Министерството за економија апелира компаниите доследно да ја почитуваат новогодишната кошничка која сами ја креирале.
„Преку оваа мерка директно помагаме за подобрување на животниот стандард на граѓаните новогодишните празници да ги поминат во пристојни услови. Сите информации за акцијата, листата на производи и компаниите кои се дел од кошницата – производители, дистрибутери, маркети,…, се објавуваат на интернет страницата www.mojakosnica.mk. Листата на производи не е затворена и сите заинтересирани можат да се пријават со свои производи на [email protected]. “, наведува министерството.
И премиерот Христијан Мицкоски попладнево преку својот фејсбук профил објави дека од денеска почнува акцијата со која, како што нагласува, директно им се помага на граѓаните.
„Од денеска почнува кампањата со која се намалуваат цените на над 800 прехранбени производи во пресрет на новогодишните празници. Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат цела низа производи како леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци и друго. Кампањата ќе трае до 15 јануари 2025 година. Вклучени се над 80 компании, а новогодишната потрошувачка кошничка би се проширила со над 1.000 производи. Вака директно помагаме за стандардот на граѓаните и заштита од ценовни шокови“, наведува Мицкоски.
Новогодишната кошничка е направена на иницијатива на бизнис секторот, кој понуди производите да се продаваат по пониски цени за граѓаните од најмалку 10 проценти. Сите производи кои се опфатени со акцијата се обележани на рафтовите на маркетите со ознаката „Се грижиме! Помалку трошоци, повеќе за тебе“.