Инспекторите на терен треба да утврдат одговорност за организирањето училишна приредба во која учествуваат ученици облечени во воени униформи со амблеми на УЧК и со пушки во рацете.
За настанот вчера реагираше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска која на Фејсбук напиша дека е „длабоко разочарана и вознемирена“ од одлуката на раководството и наставниците во ОУ „7 Март“ во Челопек да ја организираат приредбата, но и од одобрувањето на родителите на учениците „кои ракоплескаа на сето тоа“.
-Ваквиот чин не само што педагошки е неисправен, туку е и нечовечен, неетички, неморален и законски казнив, напиша, меѓу другото, Јаневска и најави дека покрај „соодветна постапка против училиштето“, инспекторите ќе постапат и во други две училишта за кои добила информации дека имало „слични активности“.