Меџити потсети дека прво вакви тврдења имаше од ДУИ, а сега „за жал СДСМ оди по нивна памет и се гледа дека се синхронизирани во нападите“.
„Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, а кога увидоа дека Инспекторатот кој бил автономен во нивно време сега е дел од Министерството, како сектор, отидоа на второто обвинување дека има простор за злоупотреба констатиран во Административниот инспекторат. Но, се работи за редовна контрола која била во програмата на Државниот административен инспекторат. Имаат опомена со забелешка за некоја воспоставена пракса, не за ингеренции или за нешто друго“, изјави Меџити во одговор на новинарско прашање пред почетокот на завршниот настан на твиниг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на индустриското загадување MK 20 IPA EN 02 22“.
Таквата пракса, како што рече, била воспоставена од ДУИ и СДСМ уште од 2016 година.
„Ваквата пракса е воспоставена од 2016 година кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, па продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила со Каја Шукова. Тоа се редица на министри токму од СДСМ и ДУИ“, прецизира Меџити.
Посочи дека Управниот инспекторат е само опоменат и дека веќе ја обжалил опомената.
„Ќе оставиме на крај да видиме каков ќе биде исходот, но не се работи ни за ингеренции, ниту за нешто друго. Во прилог на соопштението од Министерството за животна средина се документите со деталите каква била оваа пракса, кога е почната и како функционирала“, потенцира Меџити.
На денешната изјава на портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред доставувањето на документите, реагираше и ВМРО-ДПМНЕ од каде рекоа дека СДСМ „не може со ништо да се испере за криминалот на Груби кој тие го дозволија“.
„СДС да каже до каде се со Груби, му кажаа ли да се врати или му сугерираат да се крие, како што дозволија да краде? СДС не може со ништо да се испере за криминалот на Груби кој тие го дозволија. Ниту една измислена кованица за Изет Меџити, не може да направи паралела, ниту да ги ослободи од вината, дека не го апсеа Груби од страв да не им падне владата. СДС беа исплашени за своите фотелји, и од желба да крадат ден повеќе го гледаа Груби како ја краде државата. СДС се до толку потонати во криминал и корупција и не можат да исчистат зад себе со ништо што ќе исфабрикуваат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес конференција пред Владата рече дека нејзината партија доставила документи до премиерот Христијан Мицкоски во врска со нивните тврдења за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер Изет Меџити.
„Чувствуваме одговорност да реагираме веднаш откако Мицкоски јавно повика да му се достават докази за сомнежите дека постои корупција и неправилности во работата. Еве ги тие документи кои се доставени до нас од свиркачи кои се од државни институции со архивски броеви, печати и со потписи. Овде е јасно наведено дека Државниот управен инспекторат констатирал неправилности во работењето дека Меџити ги пречекорувал своите законски овластувања, лично потпишувајќи ги сите предмети. Дали на овој начин сакал да воспостави контрола и да има простор за уцени кон фирмите и кон граѓаните“, рече во изјава за медиумите портпаролката на партијата, Богданка Кузеска пред да ги достави документите во Владата.
Во Министерството за животна средина, додаде таа, според наведеното во приложените документи бил поставен систем за потпис и одлучување спротивно на законите и админстративните процедури што остава сомнеж за корупција и за мито. Од партијата очекуваат премиерот во најбрз можен рок да ги разгледа и да ги повика надлежните институции да реагираат.
„Нека ги погледне документите и тоа што треба да следува после тоа како обврска и на премиерот која сам си ја зададе влегувајќи во улога и на обвинител и на судија, нека најави тој на јавноста кои чекори ќе ги презеде натаму“, рече Кузеска на прашањето дали бараат евентуално разрешување на Меџити.