Според Ројтерс, мажите биле уапсени во саботата во хотел во Јужна Џакарта по „истополова сексуална забава“, изјави портпаролот на полицијата Аде Ари Сјам Индради за новинарите доцна во понеделникот. Тројца од уапсените се именувани како осомничени за организирање на настанот.
Хомосексуалноста не е нелегална во поголем дел од Индонезија, вклучувајќи го и главниот град, но генерално се смета за табу-тема во земјата со мнозинско муслиманско население.
„Настанот беше… исклучиво заснован на задоволството што сакале да го постигнат“, рече Индради, додавајќи дека властите на забавата пронашле кондоми и лекови за ХИВ.
Тројцата осомничени се обвинети за овозможување услуги за „порнографија“, што предвидува максимална затворска казна од 15 години, рече Индради.
Активистите велат дека законите против порнографија често се злоупотребуваат, вели Ројтерс. Стотици луѓе беа уапсени во полициските рации во клуб, хотел и спацентар во 2017 година, што според Амнести интернешнел е дополнителен доказ за „сѐ понепријателското опкружување“ за геј-заедницата.
Истражувањето на Истражувачкиот центар Пју во 2020 година покажа дека 80 отсто од Индонезијците веруваат дека хомосексуалноста „не треба да биде прифатена од општеството“.