среда, 25 декември 2024

Има доволно квалитетни процедури да се заврши случајот со Груби, вели Мицкоски

Владата секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас клучни два столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за луѓе кои се наоѓаат на црната листа на САД. За партијата на Груби, ДУИ, премиерот кажа дека наместо да побара Груби да се врати, продолжува со поделби на народот. Тој уште кажа дека се размислува за неколку потези што ќе ги преземе Владата после празниците затоа што, како што рече, и покрај најавите дека се поминати оние синдроми на анксиозност, дијареја, грчеви, покачена температура, тој сѐ уште гледа „дека тие процеси траат кај одредени обвинители и судии“.

 

Објавено на

часот

Сподели

Мицкоски, кој беше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено сѐ што е потребно за луѓето кои се дел од црната листа на САД.

„Она кое што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од апелациски суд и поранешен член на Владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот ова да го завршиме. Ние нема да преземаме чекори коишто ќе бидат спротивни на Уставот затоа што не беше тоа причина зошто не гласаа граѓаните“, нагласи Мицкоски.

Во однос на шпекулациите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, за кој судот одреди 30 дневен притвор можно е да добие политички азил во соседна земја, меѓу кои е наведена Албанија, премиерот појасни дека тој е на црната листа на САД поради основано сомневање за сторен криминал, а не од политички причини.

„Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа, поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал обвинителството покрена истрага, а судот како што сум информиран изрече мерка за претпазливост, односно притвор во време траење од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал. Така што не очекувам дека тоа ќе се случи, но тоа е сепак одлука на тие коишто би влегле во една таква процедура. Јас не би можел тука да додадам или одземам нешто“, истакна Мицкоски.

За партијата на Груби, ДУИ, премиерот кажа дека наместо да побара Груби да се врати, продолжува со поделби на народот.

„Народот е мудар, без разлика на етничката припадност и ги одбива политичките пораки од опозицијата“ рече Мицкоски.

Прашан за коментар по изјавите на ДУИ дека Владата нема легитимитет, тој посочи дека над 600.000 граѓани на 8 мај го дале својот глас за оваа Влада и оти е една од ретките со околу 80 пратеници во Парламентот.

„Да, точно, оваа Влада е без ДУИ и тоа ние го кажавме. Кога го зборувавме тоа, кажавме и причини зошто е тоа така. Гледам дека од таму сеуште како да не ја научиле лекцијата. Во отсуство на било какви други идеи кои ќе значат подобар живот за граѓаните тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Јас мислам дека е погрешно сето тоа. И тоа го гледаат на мерењето на јавното мислење. Но добро, они ако мислат дека така треба да продолжат да работат, нека си продолжат. Тоа е нивна работа. Наместо да се извинат и да побараат бегалците од правда да се вратат, тие продолжуваат и понатаму да го делат народот. Но народот е мудар, без разлика на етничката припадност и овие политички пораки од опозицијата ги одбива. И тоа е добро и така ќе продолжиме“, изјави Мицкоски.

Во однос на вчерашното излагање на претседателот на ДУИ Али Ахмети дека партијата е ураган и нема да дозволат промена на Законот за јазици, премиерот кажа дека за тоа ќе одлучи Уставниот суд.

„Тие мислат дека со закани ќе мобилизираат повеќе луѓе. Законот за јазици дали ќе се смени или нема да се смени и што ќе се случува треба да одлучи Уставниот суд. Таму треба да има јавна дебата, тие ќе побараат мислење од Венецијанската комисија и слично“, рече претседателот на Владата.

Тој го постави прашањето зошто во повеќе од две децении владеење ДУИ не направиле ништо добро, туку сѐ што правеле било со недостатоци.

„Прашањето е зошто повеќе од две децении не успеаа да направат ништо добро, туку сѐ што направија има недостатоци и тоа е најголемиот проблем. Тие пред сѐ треба да направат некоја автоцензура и да си одговараат самите на себе си зошто ги оставија сите овие работи такви како што ги оставија. Но, не забворавија да купуваат трговски центри, скапи ролс ројс автомобили, инстант компании кои што увезуваат јаглен, игрите на среќа и злоупотребите со дозволите за игри на среќа… Тоа некако не го заборавија изминатите повеќе од две децении, но сѐ останато на кое ја добиваа довербата заборавија да го направат онака како што треба“, заклучи Мицкоски.

Тој уште кажа дека се размислува за неколку потези што ќе ги преземе Владата после празниците затоа што, како што рече, и покрај најавите дека се поминати оние синдроми на анксиозност, дијареја, грчеви, покачена температура, тој сѐ уште гледа „дека тие процеси траат кај одредени обвинители и судии“.

„Граѓаните ја очекуваат правдата и ние планираме ваков тип на акции во периодот којшто следи да преземеме затоа што граѓаните очекуваат правда“, рече Мицкоски.

Порача дека не се доволни само акциите кои ги презема МВР во борбата против криминалот и додаде дека сите институции треба да се вклучат во тоа.

„Не се доволни само акциите на МВР иако ќе кажам дека тоа беа историски акции коишто досега се незапаметени, коишто ги направи МВР и БЈБ и СВР Скопје, АНБ, но гледаме дека понатаму како работите да не одат во оној правец во којшто граѓаните очекуваат да одат. Како Влада преку МВР ќе продолжиме да се бориме, но очекуваме целата оваа состојба да биде комплетна откако и другите институции ќе ја разберат важноста дека правдата мора да ја добијат граѓаните и дека мора да биде подеднаква за сите“, посочи Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ