четврток, 24 октомври 2024

Или поголема цена или нема да има откуп на тутунот, порака од Сојузот на земјоделските здруженија

Откупувачите ги отворија пунктовите за откуп на тутунот, но тутунарите не го донесоа родот на проценка на вагите иако денеска е последниот ден од законскиот рок за почетокот на откупната кампања. Според Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, производителите нема да го носат родот на вагите додека не се зголемат откупните цени, а велат дека и откупувачите со немањето слух за барањето на тутунарите калкулираат зашто родот годинава е преполовен.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние чекаме и сѐ уште очекуваме некој од откупувачите да се одважи и да ги зголеми цените, минимум за 20 отсто а и повеќе иако претходните месеци ни најавуваа дека ќе го сторат тоа. Но досега нема ништо. Од друга страна се калкулира поради преполовениот род. Се очекуваат околу 13.000 тони тутун. На овој начин си играат со маката на тутунарите. Ги повикуваме да ги зголемат цените зашто ваквата ситуација не им оди во прилог ниту на откупните фирми, ниту на производителите“, изјави Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

Тој вели дека ваквата ситуација одамна не се памети, да нема врвувица на откупните пунктови и на вагите за преземање на родот на тутунот. Тоа, вели Стомнароски, ја доведува иднината на тутунопроизводството во земјава.

„Вака се доведува во прашање производството на оваа битна индустриска гранка. До година може и уште повеќе да се намали производството, иако во последно време останаа да произведуваат само повозрасните тутунопроизводители. Сѐ уште очекуваме откупувачите да илезат во пресрет на зголемување на цените“, вели Стомнароски.

Според Сојузот, годинашниов род на тутунот е квалитетен и се цени на околу 13.000 тони. Досегашните цени се 300 денари за прва, 240 за втора и 180 за трета класа.

Неодамна на трибина за состојбите во тутунопроизводството што се одржа во Прилеп, Националната земјоделска мрежа побара 600 денари за килограм откупен тутун за да можат производителите да ги покријат трошоците и да имаат рентабилност во производството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ