вторник, 3 декември 2024

Или ќе се знае како се трошат унгарските пари, или граѓаните ќе ѝ враќаат милијарда евра на Унгарија (1)

Најавените средства од 250 милиони евра за финансиска поддршка на домашните компании се наменети пред сѐ за поддршка на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, циклус што ќе обезбеди развој. Тука пред сѐ се мисли на производствените капацитети, со цел да се зголеми производството и токму затоа еден од критериумите ќе биде зголемување на обемот на производството на компанијата што ќе биде корисник на средствата. Ова е сѐ што има да каже министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во одговорот на десетината прашања поставени од МКД.мк во врска со најавениот кредит од 500 милиони евра од Унгарија, од кои 250 милиони евра ќе бидат наменети за финансиска поддршка на домашните компании. Бизнисмените ги изнесоа своите предлози како да се поделат парите, ама засега ниту тие не знаат под кои критериуми ќе можат да аплицираат за парите. Експертите оценуваат дека кредитот има солиден развоен потенцијал, но предупредуваат дека критериумите мора внимателно да се дизајнираат, а мора да се внимава и на ризикот од зголемување на јавниот долг.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Во одговорот што од Министерството за финансии (МФ) го испратија до МКД.мк велат дека она што ѝ е познато на јавноста е дека средствата од кредитната линија се обезбедуваат со камата од 3,25 отсто, 15 години отплата и 3 години грејс-период, реализацијата ќе се спроведува од Развојната банка, а на крајните корисници средствата ќе им бидат достапни преку комерцијалните банки во земјава.

Придобивките се реални, ама државата ризикува пораст на јавниот долг

На начинот на којшто е најавен кредитот од 500 милиони евра од Унгарија, од кои 250 милиони евра ќе бидат наменети за финансиска поддршка на домашните компании, се чини дека има солиден развоен потенцијал, меѓутоа со внимателно дизајнирање на критериумите за добивање пари од кредитот, може да се постигне поголем импакт, оценуваат од истражувачкиот економски институт Фајнанс тинк во одговор на прашањето на МКД.мк кои ќе бидат реалните придобивки од кредитот вреден 500 милиони евра што Македонија ќе го земе од Унгарија, од кој 250 милиони евра ќе бидат наменети за финансиска поддршка на домашните компании.

Во делот на фирмите, пристапот до финансирањето е солиден, тие имаат поддршка преку комерцијалните банки, преку Развојната банка и преку неколку други инструменти на пазарна или полупазарна основа. Овој кредит ќе придонесе во тој пул, меѓутоа со внимателно дизајнирање на критериумите за добивање од кредитот, може да се постигне поголем импакт“, велат од Фајнанс тинк.

Има многу фактори од кои ќе зависи реалната придобивка од најавената финансиска поддршка, велат од Стопанската комора (СКМ), а Владата е еден од тие фактори преку цената на задолжувањето, што значително ќе влијае врз одлуката за инвестирање.

Ова особено се однесува на оние компании што се соочуваат со ограничени капацитети, а имаат нарачки за следниот период или знаат дека постои поголема побарувачка од она што тие можат да го произведат, имаат можност за влез на нови пазари… Придобивките ќе бидат големи и за компаниите што со инвестиции во технолошки понапредни процеси, опрема, машини, значително ќе ја подобрат продуктивноста и ќе станат поконкурентни. Во најавите на премиерот, оваа кредитна поддршка ќе биде надополнета со дополнителни финансиски средства од 100 милиони евра што се на располагање, но неискористени, со што се очекува инвестициска активност од 700 милиони евра, 350 милиони владина поддршка и 350 милиони евра средства од компаниите“, велат од Стопанската комора.

Оттаму потенцираат дека условите се доста поволни, особено споредено со достапните финансиски средства, коишто главно се сведуваат на банкарски кредити. И дополнителните услови, односно 3 години грејс-период и 12 години рок на отплата, се одлични од аспект на бизнисите.

Според најавите, кредитот од Унгарија ќе биде со каматна стапка од 3,25 отсто, што е под просечната каматна стапка за нови кредити за компании од 4,96 отсто во јули 2024 година или просечна каматна стапка на новоодобрени кредити од 5,08 отсто.

Кредитот може да има значителни придобивки за македонската економија затоа што овие пари можат да обезбедат ликвидност и опстанок на малите и средните претпријатија, може да поттикнат економски раст, да ја зголемат конкурентноста и да се отворат нови работни места, што ќе придонесе за стабилизација на економијата во услови на криза, оценува универзитетскиот професор Абдил Бауш. Сепак, вели тој, тоа носи и ризици, вклучително и зголемување на јавниот долг, кој може да има долгорочни негативни последици врз буџетот на земјата.

Овие 250 милиони евра ќе бидат дел од јавниот долг поради тоа што државата е гарант за него, што значи дека ќе бидат дел од јавните финансии и ќе влијаат на вкупниот износ на јавниот долг на земјата, што пак може да има импликации врз кредитниот рејтинг на земјата и нејзината способност за привлекување нови кредити или инвестиции во иднина. Сѐ додека не биде вратен, тој ќе го зголемува бруто-јавниот долг на државата, што може да создаде дополнителен притисок врз буџетот и економската политика на земјата. Со додавањето на целосниот кредит од 500 милиони евра, јавниот долг би се зголемил за приближно 6,67 отсто“, предупредува Бауш.

Од Министерството за финансии не одговорија на прашањето како унгарскиот кредит ќе влијае врз јавниот долг, но министерката Димитриеска Кочоска претходно изјави дека билатералниот заем од Унгарија нема да направи дополнителен притисок врз буџетот, бидејќи, како што вели, износот од 500 милиони евра е предвиден од претходната влада.

Она што го правиме ние е обезбедување поевтини пари. Односно, доколку отидевме со издавање еврообврзница, ќе добиевме средства со камата од над 6 отсто, а овој заем е со камата од 3,25 отсто“, изјави министерката.

Според СКМ, кога се зборува за задолжување на државата или на компаниите, најважна е целта на задолжувањето.

Доколку фокусот на Владата е економски прогрес и повисоки стапки на раст на бруто-домашниот производ (БДП), во тој случај еден од најдобрите начини за поттикнување на растот е токму обезбедување поволни финансиски средства и кредитни линии за финансирање на инвестициите на компаниите. Сепак би додале дека инвестирањето на фирмите е комплексна одлука, која е поврзана со повеќе фактори, а не само со пристапот до финансиите“, децидни се од Комората.

Ќе се делат пари, ама кому и како никој не знае

Од Министерството за финансии (МФ) не одговорија според кои критериуми, на пример, ќе се одвива селекцијата на компаниите што ќе аплицираат за кредит и како ќе се оценуваат документацијата и бизнис-планот, со цел поддршката да стигне до оние домашни компании што навистина ќе можат да повлечат раст и извоз.

Иако велат дека Владата е отворена за дијалог и ги слуша барањата на бизнисите претставени преку Стопанската комора, сепак ниту таму сѐ уште не знаат кои компании и под кои услови ќе може да конкурираат за кредитирањето.

Од СКМ велат дека прво и најважно барање од компаниите е подетално да се дефинира целта на кредитната поддршка, односно средствата да бидат наменети за македонските компании заради поттикнување на растот, иновациите и конкурентноста.

Кредитната линија треба да биде поддршка на иновативноста, продуктивноста и извозот на компаниите. Второ, оваа конкретна кредитна линија треба да биде насочена кон компании што веќе се успешни, имаат капацитет за иновации, капацитет за зголемување на продуктивноста и конкурентноста, односно извозот. Сметаме дека корисници на кредитната линија треба да бидат компании што имаат годишни приходи од најмалку два милиони евра и над 50 вработени, во просек. Ова воопшто не ја негира потребата за поддршка на стартапи и други бизниси, но во тој сегмент потребна е посеопфатна поддршка, не само финансиска помош“, велат од СКМ за МКД.мк.

Но експертите не се согласуваат до крај со ставот на бизнисмените. Според Фајнанс тинк, за да се постигне максимален ефект од кредитирањето, не треба да има секторски ограничувања или ограничувања во поглед на големината на фирмите.

Кредитирањето треба да ѝ биде достапно на која било фирма што има профитабилен инвестициски проект што сака да го реализира. Сепак, може да се води индиректна сметка за потенцирање на одредени сектори, како и инвестициски проекти што значат воведување најнови технологии. Енергетската криза исфрли на површина неколку сектори што се приоретизираат низ цела Европа. Тоа се секако секторот обновлива енергија (фотоволтаици, ветерници), потоа земјоделството, но од аспект на неговата самоодржливост, потоа т.н. зелена логистика, односно инвестиции со кои во секторот логистика и синџири на снабдување ќе се минимизираат негативните последици врз животната средина“, сметаат од Фајнанс тинк.

Од Комората предлагаат и одредени ограничувања за користење на средствата со цел одредени компании да не доминираат, односно предлагаат максимум 20 отсто од вкупните расположливи средства да може да ги користи една компанија.

За бизнисите би било многу корисно кога Владата би се обврзала или би најавила доволно однапред дека оваа кредитна линија ќе постои подолг период, на пример следните четири години. Секако, разбираме дека и Владата треба прво да ја испита корисноста и побарувачката за финансиската поддршка“, децидни се од СКМ.

Кон крајот на јули годинава Владата го задолжи Министерството за финансии да изготви Закон за заемот од Унгарија, а премиерот најави дека ќе биде донесен во транспарентна постапка.

Унгарскиот кредит не е единствениот начин за поддршка на компаниите

Но пристапот до поволни кредитни линии не е доволен и единствен критериум при одлучувањето за инвестирање, а со тоа и за зголемување на производството и конкурентноста на домашните компании, велат од СКМ.

Чести промени на регулативата, непланирани и ненајавени промени во даночната политика и даноците, корупцијата, административниот товар врз компаниите, сето тоа ги одвраќа компаниите од инвестиции. Очекуваме дека Владата ќе има слух за барањата на бизнисите за намалување на административниот товар, намалување и укинување на парафискалните давачки, дека евентуалните промени во даноците ќе бидат најавувани навремено и дека, воопшто, гласот на бизнисот ќе биде слушан“, апелираат од Стопанската комора.

Оттаму нагласуваат дека има и други начини за финансиска помош на домашните компании, а најевтина форма на надворешно финансирање на компаниите се бескаматните кредити или кредитните линии со субвенционирана каматна стапка, при што грејс-периодот и рокот на отплата имаат дополнителна улога.

Такви кредити или кредитни линии најчесто се достапни преку Развојната банка, директно или со посредство на комерцијалните банки, но тие имаат специфична намена (кредити за справување со последиците од енергетската криза, бескаматни кредити за компаниите што ја реинвестираат добивката, кредити за енергетска ефикасност, за дигитализација, за поддршка на агросекторот…). Дел од овие средства и дополнителни програми се обезбедени преку Европската инвестициска банка, Светската банка, Европската банка за обнова и развој… “, напоменуваат од Комората.

Универзитетскиот професор Абдил Бауш анализира дека можноста да се добијат други редовни кредити под услови слични на оние што ги нуди унгарскиот кредит зависи од неколку фактори.

Банкарските институции, како и меѓународните финансиски организации, можат да понудат кредити, но условите (каматни стапки, рок на отплата и други барања) може значително да варираат. Често, условите на овие кредити зависат од економската стабилност на земјата, кредитниот рејтинг и способноста за сервисирање на долгот. Унгарскиот кредит може да биде договорен со специјални политички и економски услови што не се достапни на редовните финансиски пазари. Во таков случај, комерцијалните кредити од меѓународни банки би можеле да имаат повисоки каматни стапки и пократки рокови на отплата, што ги прави помалку поволни за земјата. Ако условите на унгарскиот кредит се исклучително поволни, тоа би можело да биде предизвик да се најдат други извори на финансирање што нудат слични услови“, вели Бауш.

Искра Опетческа

Со овој текст МКД.мк се приклучува во иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, која Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ