Со оглед на тоа што државата е гарант за враќањето на унгарскиот кредит, експертите предупредуваат дека е особено важно кој точно ќе ја следи реализацијата на кредитот, како и можноста за негови злоупотреби. Дали тоа ќе биде Министерството за финансии, Развојната банка преку која ќе се пласираат парите или пак комерцијалните банки со кои домашните компании ќе склучуваат договори?
Техничките капацитети и човечките ресурси клучни за контролата
Универзитетскиот професор Абил Бауш вели дека за да се заштитат доделените пари од можни злоупотреби, Владата и Министерството за финансии треба да преземат стратегиски мерки што вклучуваат зголемена контрола.
„Потребно е воспоставување механизми за редовен мониторинг и контрола, вклучувајќи повремени извештаи и ревизии, како и употреба на дигитални алатки за следење на трошењето на средствата. Вклучувањето на граѓанскиот сектор, невладините организации и медиумите во процесот на надзор, заедно со обезбедување отворени податоци за распределбата на средствата, ќе помогне да се минимизираат можностите за злоупотреба и да се осигури дека средствата ќе бидат искористени според предвидената намена“, вели Бауш.
За успешно следење на едно вакво кредитирање, вели Бауш, државните институции треба да располагаат со технички и инфраструктурни капацитети, вклучувајќи напредни дигитални системи за мониторинг и централизирана база на податоци, која ќе овозможи следење на средствата во реално време и споделување информации меѓу различни институции. Дополнително, човечките ресурси треба да бидат соодветно обучени и квалификувани во областа на економијата, финансиите, ревизијата и антикорупцијата, со редовни обуки за новите технологии и регулативи.
„Институциите исто така треба да имаат организациски капацитети за тесна координација меѓу различни државни тела, како и јасни процедури и протоколи за мониторинг и известување. Правната рамка мора да биде цврста и доследно применувана, со независни регулаторни тела, кои ќе имаат доволно овластувања за контрола, санкционирање на злоупотреби и обезбедување транспарентност и отчетност. Со овие капацитети, државните институции ќе можат успешно да управуваат со кредитирањето и да ги минимизираат можностите за злоупотреби“, смета професорот Бауш.
Од истражувачкиот институт Фајнанс тинк (ФТ) немаат дилема дека просторот за какви било злоупотреби ќе биде елиминиран доколку средствата се пласираат преку комерцијалните банки, или во најмала рака преку Развојната банка.
„За да можат успешно да следат едно вакво кредитирање, државните институции треба да располагаат со капацитет за кредитна анализа и процена на ризикот, технички капацитети за управување со колатерал, следење на кредитокорисникот и преземање соодветни мерки. Тоа може да го прави само институција специјализирана за таа намена, а таква државна институција е Развојната банка. Дури и регулативата може да е ограничувачка во поглед на тоа друга државна институција да се јави како давател на кредити“, децидни се од Фајнанс тинк.
Веднаш по најавата на кредитот што Македонија ќе го земе од Унгарија, од опозицијата најавија контрола и подготовка на детална анализа за заемот. Според СДСМ, од досега достапните податоци кредитот воопшто не е поволен и нема никаква економска и финансиска оправданост.
Оттаму прашаа што се крие зад договорот меѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, за задолжување на државата со 500 милиони евра, кога Македонија веќе е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој, и тоа под „подобри услови, односно каматна стапка од 1,6 отсто со грејс-период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5 отсто камата“. Од опозицијата бараат одговор и на прашањето што се крие зад зголемувањето на каматната стапка од 3,25 отсто кога претходно министерката Димитриеска Кочоска најави дека унгарскиот кредит ќе биде со камата под 3 отсто.
Злоупотреба нема да биде можна ако има отчет за трошењето на парите
Кон крајот на јули годинава Владата го задолжи Министерството за финансии да подготви Закон за заемот од Унгарија, а премиерот најави дека тој ќе биде донесен во транспарентна постапка.
Од Фајнанс тинк се децидни дека транспарентност на процесот на кредитирање на домашните компании може да се обезбеди само преку јасно дефинирање и објавување на критериумите за добивање кредит и објавување на компаниите што го добиле кредитот.
„Сепак, ова е форма на државна помош, бидејќи кредитирањето е под преференцијални услови во однос на пазарните, што дава основа да се бара јавно објавување на имињата на фирмите и износите што ги добиле“, велат од Фајнанс тинк.
Од Стопанската комора (СКМ) немаат дилема дека процесот на селекција на компаниите што ќе земат пари од кредитот мора да биде транспарентен и целосно базиран на строго поставени критериуми.
„Како Комора предложивме како да се одвива селекцијата, како да се оценуваат документацијата и бизнис-планот, и други детали, сѐ со цел поддршката да стигне до оние компании што навистина може да повлечат раст и извоз. Предлагаме и одредени ограничувања за користење на средствата со цел да не доминираат одредени компании, односно предлагаме максимум 20 отсто од вкупните расположливи средства да може да ги користи една компанија. За бизнисите би било многу корисно кога Владата би се обврзала или би најавила доволно однапред дека оваа кредитна линија ќе постои подолг период, на пример следните четири години. Секако, разбираме дека и Владата треба прво да ја испита корисноста и побарувачката за финансиската поддршка“, велат од СКМ во одговорот за МКД.мк.
За Бауш, пак, освен со јасно поставени критериуми, транспарентноста ќе се постигне и со строг процес на проверка и оценување на апликациите од независни комисии.
„Ефикасните механизми за отчетност и санкционирање се клучни, со засилени антикорупциски мерки и строги казни за злоупотреба на средствата. Редовното објавување јавни извештаи ќе ја зголеми транспарентноста и јавниот притисок врз оние што не ги следат правилата“, вели Бауш.
Помошта ќе даде резултати ако се даде пред да инвестираат компаниите
Во делот на фирмите, пошироко од корона-кризата, активен е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој доделува грант како процент од веќе направена инвестиција, велат од Фајнанс тинк анализирајќи ја целокупно државната помош на домашните компании. Нивната анализа од 2021 година покажа дека тоа е неефективен начин на државна помош на фирмите, бидејќи средствата се доделуваат откако инвестицијата била направена, па ефектите што се гледаат не се од државната помош, туку се од инвестицијата.
„И тогаш, и сега, препорачуваме каква било форма на државна помош да се дава пред да се направи инвестиција од страна на фирмата, врз основа на соодветна оценка на инвестицискиот проект. Значи, помошта да биде поттик за почнување на инвестицијата. Такви примери има повеќе, на пример кај Фондот за иновации, чии програми во истата евалуација ги проценивме како ефективни“, велат од Фајнанс тинк (ФТ).
Од ФТ, поддршката што домашните компании ја добија за време на корона-кризата ја оценуваат како позитивна, бидејќи „без таквите мерки многу солвентни фирми можеше да пропаднат поради нарушена ликвидност, а според тогашните процени, беа спасени околу 60.000 работни места, од вкупно 80.000 што беа под ризик да бидат загубени“.
Универзитетскиот професор Абил Бауш целокупната политика на Владата во смисла на доделување финансиска поддршка на домашните компании од 2018 година до сега може да ја оцени како динамична и адаптивна, но со одредени предизвици и недостатоци.
„Некои компании, особено малите и новооснованите, се соочија со потешкотии во аплицирањето и добивањето на средствата поради бирократски процедури и недостиг од јасни критериуми. Според извештаите, околу 15 отсто од компаниите што аплицирале за поддршка не успеале да ги добијат потребните средства. Дополнително, постоеја обвинувања за неправилности и нееднакво распределување на средствата, што ја наруши довербата во ефективноста и праведноста на мерките, особено во сектори како што се туризмот и угостителството, каде што поддршката дојде со значително задоцнување. Иако политиките на Владата беа насочени кон стабилизација на економијата и поддршка на домашните компании, нивната ефикасност беше ограничена од административни пречки и недостатоци во спроведувањето. Статистичките податоци покажуваат дека, и покрај овие мерки, околу 20 отсто од малите бизниси известија за намалување на бројот на вработените, што укажува на потребата за поефикасни интервенции. За идни слични кризи, би било важно да се поработи на подобрување на транспарентноста, брзината на реакцијата и фер-распределба на средствата, за да се осигури дека помошта стигнува до оние на кои им е најпотребна“, заклучува Бауш.
Според податоците на претходната влада, преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување во 2018 година до крајот на 2023 година државата поддржала 919 компании со 100 милиони евра. За шест години финансиската поддршка од државата кон домашните компании се зголемила за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година.
Поранешниот вицепремиер задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи во октомври минатата година најави измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите со кои би се овозможило загарантирана целосна исплата на поддршката, без разлика на состојбата на буџетот на државата, а со тоа ќе им се овозможи дополнителна сигурност на домашните компании при одлуката за нивно инвестирање заради зголемување на домашното производство.
Искра Опетческа
Со овој текст МКД.мк се приклучува во иницијативата за зголемена транспарентност на институциите, која Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.