недела, 22 декември 2024

И Зајас има спортска сала во која веќе 14 години никој не е влезен

Спортската сала во кичевското село Зајас е изградена во 2009/2010 година, во дворот на основното училиште. Но, никој не знае ниту кој го градел објектот, ниту пак кој го има клучот од објектот. Локалните власти не поседуваат никаков документ за салата затоа и 14 години од нејзината изградба никој не стапнал таму и таа е неупотреблива, објави ТВ21.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на училиштето, Насер Исмаили, вели дека тие не можат ниту да влезат во салата бидејќи го немаат клучот. Тој додава дека откако е директор, тропнал на сите врати за прашањето на салата, но не добил одговор.

 

„Што се однесува до спортската сала, вистина е дека не се користи и нема врата на која управата на училиштето не тропнала во врска со спортската сала. Во општината, во МОН, во Агенцијата за млади и спорт…, ама одговор нема и чекаме некаков одговор дека ќе можеме да почнеме со употреба на спортската сала бидејќи за многу малку работа стои затворена од 2009/2010 година“, вели Насер Исмаили за ТВ21.

 

Од општина Кичево велат дека немаат документи за салата, бидејќи инвестицијата била од централната власт. Во Министерството за спорт, пак, тврдат дека никогаш не изградиле сала во Зајас.

„Агенцијата тогаш изгради сала во Кичево, но не и во Зајас. Во Зајас го изградивме стадионот на Зајас. Значи објектот што го изградивме ние не е во Зајас“, велат од Министерството за спорт.

Сличен одговор телевизијата добила и во Министерството за локална самоуправа, но и оттаму велат дека не ја изградиле оваа спортска сала.

„Врз основа на податоците во објавените одлуки на Владата за финансирање на проекти од буџетската Програма за рамномерен регионален развој во 2011 година, не е финансиран проект за изградба на спортска сала во село Зајас“, велат од Министерството за локална управа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ