Иницијаторите на акцијата ги повикуваат граѓаните тој ден да не купуваат ништо и однапред да ги обезбедат потребните намирници, да готват дома и да избегнуваат трошење во угостителските објекти.
„Ова е начин да го покажеме незадоволството поради растот на цените на храната и енергијата, додека платите на граѓаните остануваат ниски. Еден ден бојкот може да испрати силна порака“, се наведува во една од пораките на социјалните мрежи.
Граѓаните на интернет форумите предупредуваат дека цените на храната во БиХ се повисоки отколку во некои развиени земји како Германија, додека трошоците за живеење и понатаму се неподносливи.
Според претставникот на Сојузот на самостојни синдикати на БиХ, Адис Кечо, ваквите акции укажуваат на сериозните општествено-економски проблеми во земјата.
Тој тврди дека профитот на работодавците расте, а тоа не го следат платите на работниците кои се недоволни за покривање на основните животни трошоци.
Иницијаторите на бојкотот соопштија дека целта на акцијата е да се притиснат власта и работодавците да преземат конкретни мерки за намалување на инфлацијата, зголемување на минималната плата и подобрување на вкупниот животен стандард на граѓаните.
Властите во БиХ во повеќе наврати воведуваа замрзнување на цените на најважните намирници.