среда, 23 октомври 2024

Хутите: Остваривме голема победа, бродовите повеќе не можат кон Израел

Лидерот на јеменските Хути кажа дека оружената група успеала да спречи бродовите поврзани со Израел да минат низ Аденскиот Залив во текот на минатата недела, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Американците и Британците не успеаја да обезбедат премин за ниеден брод кој одеше кон Израел. Не беа во состојба да ги заштитат тие бродови. Повеќе не можат да ги заштитат ни американско-британските бродови, ова е вистинска и голема победа за нас“, кажа Малик ал Хути во телевизиски говор.

Аденски Залив е дел од Арапско Море меѓу јужниот брег на Арабија и Африка, а со Црвено Море го спојува преминот Баб ал Мандаб. Важноста на заливот порасна по отворањето на Суецкиот канал, а низ него минуваат бродови меѓу Европа, источна Африка, Индија, Далечниот Исток и Австралија, како и Персискиот Залив и Европа.

Хутите, кои го контролираат поголемиот дел од Јемен, повеќе пати со проектили гаѓаа меѓународни трговски бродови од средината на ноември. Нивни мети се бродови со комерцијални врски со САД, Британија или Израел.

„Израелската, американската и британската агенда е да се заврши палестинското прашање“, кажа Ал Хути. Операциите на Хутите во Црвено Море, како што кажа, биле „легитимни за да им помогнат на луѓето во Газа и да ја прекинат наметнатата опсада“.

Хутите од почетокот тврдат дека ги гаѓаат бродовите во знак на солидарност со Палестинците поради војната на Израел во Газа.

Нападите ги поттикнаа компаниите да ги прекинат патувањата низ Црвено Море и да се одлучат за подолгата и поскапа рута околу африканскиот континент, а американски и британски воени авиони извршија одмазднички напади гаѓајќи го Јемен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ