сабота, 27 јули 2024

Хрватскиот премиер Пленковиќ е сериозен кандидат за генерален секретар на НАТО

Објавено на

часот

Сподели

Западните медиуми во последните недели сè повеќе шпекулираат за кандидатите за наследник на Столтенберг, а во нагаѓањата се вклучија и два шведски дневни весници, левичарскиот Афтонбладет и десничарскиот Свенска дагбладет.

Двата весници го спомнуваат хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ како сериозен кандидат за генерален секретар на НАТО. Афтонбладет пишува дека земјите од источна и централна Европа веќе подолго време се чувствуваат запоставени во распределбата на клучните функции во Европската Унија и НАТО.

Шведскиот весник истакнува дека тоа отвора простор за актуелниот романски претседател Клаус Јоханис, естонската премиерка Каја Калас и Пленковиќ.

Меѓутоа, на Јоханис претседателскиот мандат му истекува дури во ноември 2024 година, а Калас се смета за премногу непријателски расположена кон Русија, што Пленковиќ го става во позиција на фаворит ако следниот генерален секретар на НАТО се бара од овој дел на Европа.

Шведските медиуми понатаму нагаѓаат дека водењето на НАТО за првпат во историјата би можела да го преземе жена, но сите три наведени кандидатки имаат одредени пречки и недостатоци.

Донеодамнешната финска премиерка Сана Марин тешко ќе дојде до позицијата, не само затоа што Финска оваа недела стана членка на НАТО, туку и поради тоа што двајцата последни генерални секретари доаѓаат од нордиските земји – Данецот Андерс Фог Расмусен и Норвежанецот Столтенберг. Би било премногу и следниот да дојде од северот на Европа.

Меѓу кандидатките е и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, која шест години беше германска министерка за одбрана, но нејзиниот мандат истекува кон крајот на 2024 година. Наводно одредени шанси има и актуелната германска министерка за одбрана Аналена Бербок, но тешко е да се поверува дека сојузниците би прифатиле НАТО и ЕУ да ги водат две Германки.

Во потрагата по кандидати шведските медиуми стигнаа и до долгогодишниот холандски премиер Марк Руте, чие име често се спомнува и во калкулациите за високите функционери на ЕУ. Последното име на листата е шпанскиот премиер Педро Санчез, но негов хендикеп е тоа што Шпанија го презема претседавањето со ЕУ на 1 јули, а во ноември го чекаат и парламентарни избори.

Ако не биде постигнат договор до летото, истакнува Афтонбладет, можно е повторно да се изврши притисок врз Столтенбрг да остане на должноста генерален секретар уште една година. На поранешниот норвешки премиер мандатот му истече минатата година, но поради конфликтот во Украина одлучи да ја прифати идејата да остане уште една година. Тоа беше трето продолжување на неговиот мандат, а самиот Столтенберг кажа дека е последно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ