„Шведска, некогаш позната по својата безбедност, последниве години се соочи со алармантно зголемување на насилството и криминалот. Експлозиите, пукотниците и убиствата станаа секојдневие на улиците на Стокхолм, Гетеборг и Малме. Посебно загрижува зголемувањето на бројот на младите што вршат тешки кривични дела. Бројот на сторителите на тешки кривични дела со последица смрт кај возрасната група од 15 до 20 години е зголемен за речиси четирипати од 2014 година“, рече Сокол.
Што се сменило во шведското општество во последните десет години, а што би можело да биде причина за ваквата состојба, праша европратеникот.
Можеби сето тоа е поврзано со големиот пораст на имиграцијата во истиот период, посочи тој.
„Дали заради политичката коректност ќе избегнуваме да разговараме за вистинските прашања и ќе живееме во облаци? Потребен е жесток одговор на зголеменото насилство, што мора да вклучува запирање на масовната имиграција, воведување построги казни за сторителите на злосторства, зајакнување на полициските овластувања, но и безмилосно депортирање на илегалните мигранти“, рече тој.
Како што оцени, сегашната шведска влада работи во вистинската насока и „ние треба многу поостро да се однесуваме кон имиграцијата на ниво на ЕУ“.
„Во прашање е опстанокот на Европа“, рече Сокол.