петок, 18 октомври 2024

Хрватска во ЕУ – да се влезе или не?

Објавено на

часот

Сподели

Велат дека стравот е добар само за тој на кого Бог му го дал. Тогаш Хрватите се благословен народ. Тие имаат и премногу стравови, вели хрватски Индекс.

Овие денови министерката за надворешни и европски работи, Весна Пусиќ, им всади уште еден страв. Веќе по малку избезумена од комуницирањето со обичните луѓе, таа се обиде да им ја продаде идејата за Европската Унија така што им се закани дека ако не заокружат „да“ на референдумот, ќе ги загубат своите пензии. Кратко и јасно. Сите се беа згрозени. Евроскептиците ѝ се закануваат со тужба. Коалициските колеги бараат оправдување. Јавноста – извинување. Премиерот тврди дека министерката само „се изразила пластично“.

Меѓутоа, она што Пусиќ го направи беше само вообичаениот начин на комуникација со хрватските граѓани. Тие најдобро слушаат кога некој ќе ги заплаши.

Така е уште од почетокот на 90-тите. „Прво нè плашеа со четниците, па со Србите, па со Југославија. Некаде во таа приказна, на година-две, успеаја да ги бутнат и муслиманите. По војната, почна плашењето со Јуди и предавници, провокатори и југоносталгичари, странски платеници. Потоа дојде на ред Хаг. Поради него се апсеа воени криминалци, и тоа баш тие што се всушност херои. Ако некој не беше доволно уплашен од Хаг, тука беше Брисел. Никогаш ништо не правевме за себе, моравме да работиме и за Брисел. Потоа ни беше сервирано дека никогаш нема да влеземе во ЕУ. Или дека ќе влеземе дури заедно со Србија.

Потоа нè плашеа со „комуњари“ и „безбожници“, кои сакаат да ја укинат веронауката, да ја забранат верата и да инсталираат постојана геј-парада.

Таа закана сега е мутирана. Ако влеземе во ЕУ, ќе нè преплават педери и лезбејки, потоа Виетнамци и Романци, а пред нив шведски пензионери, кои ќе ги окупираат и онака преполните јадрански острови.

И ете нè во референдумската Ноќ на вештерките. Кога и да отвориме врата, ни уфрлуваат по еден страв.

Нè бомбардираат со стравови од сите страни. Еврофилите нè плашат дека ќе пропаднеме ако не влеземе во ЕУ. Евроскептиците нè плашат дека ќе пропаднеме ако влеземе“, додава Индекс.

Дури и теоретски, постои опасноста од хрватско референдумско „не“. Одборот за „Хрватска – Не во ЕУ“ располага со податоци дека во моментов 57 отсто од Хрватите се против, а само 43 отсто се за влегување во ЕУ. Доколку некој таков размер навистина би се случил на избирачките места, Хрватска би се нашла во парадоксална ситуација, анализира Јутарњи лист.

Како што јавуваат хрватските медиуми, тоа би значело дека истите избирачи што пред месец и пол гласаа за проевропската политика, сега не ја поддржуваат. Значи ако мнозинството хрватски граѓани што ќе излезат на референдумот го заокружат одговорот „не“, би излегло дека народот е на една страна, а власта на сосема друга. Имено, на изборите во почетокот на декември антиевропската опција не успеа да стигне до пратенички места. Евроскептиците до некаде би можеле да се пронајдат само во ставовите на хрватските лабуристи, со тоа што ни тие не се категорично против ЕУ, туку пред сè се против ниското ниво на информираност на граѓаните. Тешко дека само месец и пол од последните избори би можел да настане толкав јаз меѓу граѓаните и новоизбраната власт, па и понатаму е многу поверојатно дека повеќето ќе заокружат „да“. Иако секојдневието е преполно со антиевропско расположение на младите генерации, но и на другите.

Стравот околу резултатот од референдумот е страв дека Хрватска би можела да се врати таму каде што беше пред десет и повеќе години. Без способна и одговорна политичка елита, а доволно изолирана за со националната економија, правниот систем и човековите права да бидат можни секакви малверзации, анализира Јутарњи лист.

Според порталот Даље, „заслугите“ за тивката неизвесност со која се влегува во референдумот во голем дел се и благодарение на домашните медиуми. Таблоидноста на јавните гласила едноставно не поднесуваше систематско и објективно информирање на граѓаните, а не па критички поглед на подготовките за ЕУ, доколку немаше елементи на сензација, скандал и шок. Ако сега постои страв за исходот на референдумот, тоа е благодарение на жолтилото. И медиумското и политичкото.

Во секој случај, стравот ќе биде добар само за тој што ќе знае подобро да го спакува, е генералниот заклучок на хрватските медиуми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ