вторник, 24 декември 2024

Хрватска: Соработката со Србија никогаш не била толку лоша како денес

Хрватска сака загарантирано место во српскиот парламент за припадниците на хрватското малцинство, кажа денес хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, ден откако на изборите во Србија хрватскиот претставник Томислав Жигманов не влезе во собранието.

Објавено на

часот

Сподели

Жигманов, претседател на Демократскиот сојуз на Хрватите во Војводина и министер на Србија за човекови и малцински права, на изборите одржани вчера не влезе во парламентот. „Ние не сме задоволни од позицијата на хрватскиот народ во Србија“, кажа Грлиќ Радман коментирајќи го резултатот на претставникот на Хрватите, кој на изборите излезе во коалиција со „партнери од бошњачките партии“.

Шефот на хрватската дипломатија смета дека станува збор за структурна нееднаквост. „Ако Хрватска гарантира три места во Хрватскиот сабор на српското малцинство, ни очекуваме еднакви права за хрватското малцинство“, кажа хрватскиот министер.

Коментирајќи ги резултатите на изборите во Србија, на кои надмоќна победа повторно однесе Српската напредна партија на Александар Вучиќ, Грлиќ Радман кажа дека тие избори „воопшто не ја олеснија“ политичката ситуација во Србија и дека Вучиќ и понатаму е соочен со многу прашања и проблеми кои мора да ги решава.

Хрватскиот министер изрази надеж дека по формирањето нова влада во Србија ќе се сретне со својот нов колега и ќе види „како ќе се решаваат проблемите кои се, пред сè, наследство од војната“.

Грлиќ Радман смета дека Хрватска и Србија „никогаш немале толку ниско ниво на соработка“ како денес и дека причина за тоа е неспремноста на српските власти да се соочат со минатото и да направат чекори кон јакнење на добрососедските односи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ