вторник, 17 декември 2024

Хрватска на Црна Гора ѝ блокира затворање на едно поглавје во преговорите со ЕУ

Хрватска од самиот почеток силно ја поддржува Црна Гора на нејзиниот европски пат, но мора да реши некои прашања кои не се билатерални, туку универзални, изјави во Брисел шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман. Црна Гора вечерва затвора три преговарачки поглавја, а четвртото, за кое земјата била спремна, нема да се затвори поради Хрватска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тука не треба да станува збор за блокада, Хрватска сите овие години силно ја поддржуваше Црна Гора, од моментот кога ги почна преговорите со ЕУ“, кажа Грлиќ Радман во Брисел. „Меѓутоа, постојат хуманитарни и цивилизациски прашања, кои се универзални“.

„Хрватска сигурно нема да става билатерални прашања како услов за европскиот пат на Црна Гора, но прашањето на исчезнатите лица за време на Татковинската војна, прашањето на отштетата на логорашите, тоа се теми кои треба да ги загрижуваат сите во ЕУ, а не само Хрватска“, оцени хрватскиот министер.

Црна Гора вечерва затвора три поглавја: правото на интелектуална сопственост, информатичко општество и медиуми, и претприемаштво и индустриска политика. За поглавјето надворешна, безбедноста и одбранбена политика, во кое спаѓаат и соседските односи, Хрватска не дава согласност.

Црна Гора сега ќе има вкупно шест затворени поглавја.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон изјави дека билатералните прашања не би требало да имаат улога во пристапниот процес. Таа оцени дека хрватското вето се однесува на билатерално прашање.

„Колку што јас разбирам, станува збор за билатерално прашање. Црна Гора порача дека се обидела да одговори на сите прашања на Хрватска, а јас можам да кажам дека кога станува збор за проширувањето, билатералните прашања не би требало да бидат товар на тој процес“, кажа Фајон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ