Од своето воведување во 1995, ЦПИ е водечкиот глобален показател за раширеноста на корупцијата. На годишно ниво ги рангира земјите според нивното перцепирано ниво на корупција во јавниот сектор, во согласност со стручни проценки и истражувања на јавното мислење. Индексот рангира 180 земји на скала од 100 (без корупција) до 0 (висока корумпираност).
Данска, која има 90 бодови, седми пат по ред го зазема првото место, а на второто место е Финска (88). Следуваат Сингапур (84), Нов Зеланд (83), Луксембург, Норвешка и Швајцарија со по 81.
Од друга страна, најкорумпирани земји во светот се Јужен Судан (8), Сомалија (9), Венецуела (10), Сирија (12), Либија (13), Еритреја (13), Јемен (13) и Екваторијална Гвинеја (13).
Хрватска има 47 бода и го зазема 63-тото место, што е за три бода помалку од 2023 година, кога беше на 57 место. Но, Хрватска е меѓу најкорумпираните членки на Европската Унија, а полоши се само Романија (46) и Малта (46) на 65 место, Бугарија (43) на 76 и Унгарија (41) на 82.
Перцепцијата за корупцијата е многу пониска во Словенија (60) која се наоѓа на 36 место.
„Системска корупција во јавната набавка постои во неколку земји од ЕУ. Во Хрватска министерот за здравство е сменет поради сомнеж дека примал мито во замена за одобрување за набавка на роботска медицинска опрема од одредена фирма по надуени цени за неколку јавни болници“, се наведува во извештајот.
Проблемот со корупцијата е тоа што колку е земјата покорумпирана, толку е посиромашна бидејќи дисфункционалните држави се природно сиромашни. Во таквите земји преку врски во јавната управа не се вработуваат оние со докторат или диплома од престижен универзитет, туку со купена диплома бидејќи корупцијата е мрежа на неспособни кои се врзуваат за партиите за да живеат многу подобро отколку што заслужуваат. Според Светската банка околу 5 отсто од БДП „поцрнуваат“, или со директно крадење, или со местење зделки за партиски луѓе. Тој процент од БДП во Хрватска изнесува околу четири милијарди евра годишно.