Автопроизводителите во Јапонија заостанаа зад своите соперници во областа на електричните возила, па се обидуваат, со помали трошоци, да го надоместат изгубеното време, бидејќи според познавачите, „новајлиите“ од 21. век, како кинескиот лидер „БИД“ или американски „Тесла“, просто „го голтаат“ пазарот.
Претседателот на „Хонда“, Тошихиро Мибе рече дека неговата компанија и „Нисан“ ќе се обидат да ги обединат своите операции под заедничка холдинг-компанија. „Хонда“ ќе го предводи новиот менаџмент, задржувајќи ги принципите и брендовите на секоја компанија. Целта е да имаат официјален договор за спојување до јуни и да ја стават холдинг-компанијата на берзата во Токио до август 2026 година.
„Искрено кажано, можноста ова да не се спроведе не е нула… Но, дојдовме до сознание дека за двете страни да бидат лидери во оваа трансформација на движењето, неопходно е да се направи похрабра промена отколку соработка во одредени области“, рече Мибе.
„Хонда“, „Нисан“ и „Мицубиши“ претходно се согласија да ги споделуваат своите делови за електрични возила, на пр. батерии, и заеднички да работат на софтвер за самоуправувачко возење и на подобро прилагодување на електрификацијата.